/ Прочитано:

1.845

ПРЕСУДА: 14 години затвор за обвинетиот за убиството на матурантот Ангел

Понеделник, 6 јули 2015 – Основниот суд Скопје 1 го осуди на 14 години затвор Насер Ештрефи (20), обвинетиот за убиството на матурантот Ангел Петковски од скопската населба Ѓорче Петров. Ештрефи останува во притвор до правосилноста на пресудата. 

Речиси половина година од стартот на судењето за убиството на матурантот Ангел Петковски, судскиот совет што го водеше предметот денеска му изрече 14 години затвор на обвинетиот Насер Ештрефи за кривичното дело убиство со умисла. Судијата Илија Трпков истакна дека советот внимателно ги ценел доказите на обвинителството и на одбраната, како и отежителните и олеснителните околности. Како олеснителна околност, рече судијата, пред сѐ е земено тоа што се работи за млада личност, додека како отежителна тоа што веќе е правосилно осуден за кражбата на велосипедот која му претходи на убиството, а кое кривично дело Ештрефи го призна на самиот почеток на судењето и доби условна казна. Судот исто така ги упати оштетените да бараат отштета во посебна граѓанска постапка.

Обвинителството: фрапира рамнодушноста на обвинетиот

На денешното рочиште, обвинителството и одбраната речиси 7 часа ги изнесуваа завршните зборови. Обвинителството остана на својата позиција дека се работи за убиство со умисла и дека обвинетиот свесно дејствувал за време на кривично-правниот настан. Застапникот на обвинението Дарко Јакимовски, низ внимателна, детална и исцрпна анализа даде осврт на случајот.

„Ќе носите одлука против лице кое не само што атакувало на туѓа сопственост, туку било спремно и да убие“, му се обрати тој на судскиот совет на почетокот од својот завршен збор.

Јакимовски истакна дека не било првпат да се краде велосипед од семејната куќа на Петковски, но дека епилог никогаш немало. За жал, како што рече, кобниот 19 мај започнал со кражбата на велосипедот на Ангел, но завршил трагично пред Европската очна болница.

Според обвинителството, исказот на Ештрефи во кој тој вели дека на насипот на реката Вардар кај Очната болница бил нападнат од Ангел и од неговиот татко и дека притоа двапати бил соборен на земја и удиран со стап и со тупаници од нив пред да го зададе смртоносниот удар со ножот, кој наводно додека бил на земја го здогледал, се коси со основите на физиката. Јакимовски истакна дека се работи за проширена и неточна верзија на настанот, со оглед дека истиот, според камерите поставени пред Болницата, кои го регистрирале доаѓањето и заминувањето на учесниците во настанот, траел точно 25 секунди. Обвинителството тврди дека Ангел и неговиот татко не го нападнале Ештрефи, туку само го пресретнале, а тој за да си го отвори патот извадил нож со еднострано сечило и замавнал двапати кон Ангел нанесувајќи му убодната смртоносна рана на десната страна на градниот кош.

„Со оглед на временскиот интервал во кој се одвивал настанот, невозможно е објаснувањето на обвинетиот“, рече обвинителот и додаде дека и сведоштвата на очевидците го потврдуваат ова.

Обвинителот исто така укажа на исказите на вештаците, кои како што рече, потврдиле дека убодната рана не е возможно да е нанесена на начин како што тврди Ештрефи.

„Сечната рана на палецот на обвинетиот укажува дека при прободувањето дошло до пролизгување на сечивото и обвинетиот самиот се исекол. Таква повреда не може да си нанесе на начин како што тој објаснува. Еве ви го и одговорот и на прашањето од каде крв на рацете на Ештрефи, други повреди што предизвикуваат крварење обвинетиот немал“, рече обвинителот.

За обвинителот, спорно е и тврдењето на Ештрефи дека ножот на бекатонската патека  го здогледал дури вториот пат кога паднал, со оглед дека се работи за многу прегледно место.

„На ист таков чуден начин, како што се појавил, ножот исчезнал“, рече Јакимовски.

Обвинителот истакна дека постојат битни разлики во исказот на обвинетиот даден во истрага и во судница, а  истовремено посочи дека и вештите лица забележале флуктуации во неговиот исказ. Тој исто така наведе дека обвинетиот селективно одговора на прашањата, односно на клучните одговара со „не знам“ или „не се сеќавам“.

„Во овој настан доминираат отежителните околности. Нивното значење ги анулира и слабее олеснителните околности“, рече Јакимовски и додаде дека во согласност со теоријата и практиката никако не може да стане збор за нужна одбрана.

Според Јакимовски латентната агресивност на обвинетиот, која во текот на постапката ја констатираше психологот што сведочеше по предлог на одбраната, се потврдува и од самиот настан.

„Во овој настан тој покажал исклучително низок праг на толеранција и се решил на најтешката можна опција – да нападне и да убие“, потенцираше обвинителот.

„Животот на Ангел завршил само 3 дена по матурирањето. Смислата на животот на неговите родители и неговиот брат е поделена на два дела – пред и после загубата на нивниот син, односно  брат. Фрапира рамнодушноста на обвинетиот: не слушнавме ниту признание, ниту каење, ниту жалење“, додаде тој. 

Барајќи од судскиот совет да го прогласи Ештрефи за виновен, Јакимовски рече дека тие не смеат да дозволат ваквата „инфекција“ да се прошири и кај другите потенцијални сторители на кривични дела.

„Не смееме да дозволиме потенцијалните сторители да се дрзнат да атакуваат не само врз туѓиот имот, туку и да одземат нечив живот. Затоа е нужно да донесете одлука со која ќе ставите линија и ќе го поделите правичното од неправичното и со тоа ќе демонстрирате вистинско правораздавање“, потцрта застапникот на обвинението.

Полномошникот на семејството: Ангел Петковски нема иднина – нема поради обвинетиот

Барајќи судот да ги упати отшета да бараат во посебна парнична постапка, полномошникот на  семејството Петковски, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, во завршен збор наведе дека ништо нема да ја надомести загубата на родителите и на братот на Ангел, но дека не смее да се дозволи на никому да се случи истото.

„Ангел Петковски никогаш веќе нема да учи. Ангел Петковски никогаш нема да заврши факултет. Ангел Петковски никогаш нема да се ожени. Ангел Петковски нема иднина – нема поради обвинетиот“, рече Давидовиќ.

Одбраната: неспорно е дека станува збор за нужна одбрана

Ангел Георгиев, бранител на обвинетиот, најпрвин, пред да започне со изнесување на завршниот збор, изрази жалење за изгубениот живот.

Според Георгиев, вината за настанот треба да се лоцира на друго место, кое судот, како што рече ќе го препознае без тој да го коментира. Обвинението го нарече „гола претпоставка“ која е апсолутно недокажана. Клучниот сведок и единствен директен очевидец, таткото на Ангел, Сашо Петковски, го оцени како пристрасен. 

Тој истакна дека е неспорно дека во случајот со Ештрефи станува збор за нужна одбрана, откако, како што рече, тој бил нападнат од Ангел и од неговиот татко.

„Нели е логично кога сте прободени со нож веднаш да трчате до болницата. Од камерите поставени пред Очната болница се гледа дека Ангел и неговиот татко најпрвин во автомобилот го оставаат стапот завиткан во дускерката. Се губи драгоцено време. Тие чувствувале вина за нападот“, рече адвокатот.

Според Георгиев, обвинетиот се здобил со 19 повреди и секоја од повредите е детално опишана од вештаците, односно дека најголемиот дел се направени од нив се направени со влечење на тврда површина, во конкретниот случај – бекатонските плочки и дека истото се потврдува и од состојбата во која биле неговите алишта.

„Мора да се даде одговор на кој начин обвинетиот се здобил со некои од повредите“, рече тој.

За разлика од обвинителството, кое тврди дека не е возможно дејствијата како што ги опишува одбраната да се случиле за 25 секунди, одбраната тврди дека не е возможно дејствијата опишани во обвинителниот акт да се случиле за 25 секунди.

„Временската дистанца не ги дозволува дејствијата опишани во обвинителниот акт, затоа и баравме реконструкција“, рече Георгиев.

Според одбраната, обвинетиот бил пресметлив, но истовремено бил во афект и кај него била присутна силна раздразливост.

„Тој замавнувал неконтролирано со цел да го спаси сопствениот живот“, рече адвокатот.

Во однос на ножот рече дека не може да се утврди кој го носел бидејќи не е најден. 

„Ниту ние не може да докажеме дека оштетените го носеле ножот, ниту за обвинетиот може да се докаже дека тој го носел“, потенцираше бранителот.

Побара ослободителна пресуда за својот клиент, бидејќи како што рече, постои нужна одбрана која ја исклучува противправноста на дејствијата. 

„Без одговор на клучното прашање, дали обвинетиот е прв нападнат – ќе имаме сомненија“, потцрта тој.

Обвинетиот остана во целост на завршните зборови на својот бранител, без да додаде ништо друго.

Во текот на судењето, кое почна на 22 јануари годинава, беа испитани бројни сведоци и докази, но ножот со кое е сторено убиството до денес не е најден, иако според обвинителството теренот веднаш по трагичниот настан бил детално пребаран. Обвинетиот тврдеше дека ножот веднаш по убиството го фрлил на самото место на настанот.

Убиството на матурантот Ангел Петковски се случи на 19 мај минатата година во скопската населба Ѓорче Петров.  Сè почнало со кражба на велосипедот на Ангел од семејната куќа на Петковски. Според обвинението, Ештрефи откако го украл велосипедот од дворот, бил забележан од таткото на Ангел и побегнал кон мостот што води кон Сарај.

„На патеката на насипот го пречекале таткото на сега покојниот, кој го блокирал патот обвинетиот да не побегне кон мостот, и Ангел кој го блокирал патот во правец спрема течението на реката Вардар. Обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон Ангел нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Обвинетиот потоа бил нападнат со дрвен стап од страна на таткото на сега покојниот и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега“, се вели во обвинението.

Залудни биле обидите за помош пред Очната клиника. Поради обилно внатрешно и надворешно крвавење, Ангел починал на скалите од болницата.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука.

 Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk