/ Прочитано:

1.459

27 организации бараат итно криминализирање на насилството врз жената

Петок, 13 август 2015 – Со ратификувањето на Конвенцијата за правата на лица со попреченост, во чија преамбула стои: Признавајќи дека жените и девојките со попреченост се често под опасност, во и надвор од домот, од насилство, повреда, злоупотреба или небрежен однос, малтретирање и експлоатација, Република Македонија презела обврска да им обезбеди сигурен и достоинствен живот на жените со попреченост, ослободен од насилство, велат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

„Врз основа на информација споделена на интернет-порталите, вчера, 10 Август 2015, во Крива Паланка е пронајдена жена без облека, врзана со синџир за нозете и заклучена со катанец. Косата ѝ била исечена. Првичните наоди се дека била силувана и брутално малтретирана од засега непознат сторител. 35 -годишната жена е штитеник на Дневниот центар за лица со посебни потреби, но живее сама со семејната куќа. Овој случај претставува повеќекратна дискриминација на жената, каде што се искористува нејзината ранливост, пред сѐ, како жена, штитеник на здравствена институција, без поддршка на блиско семејство и со ограничена деловна способност“, истакнуваат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Понатаму, од мрежата нагласуваат:

„Со ратификувањето на Конвенцијата за правата на лица со попреченост, во чија преамбула стои: Признавајќи дека жените и девојките со попреченост се често под опасност, во и надвор од домот, од насилство, повреда, злоупотреба или небрежен однос, малтретирање и експлоатација, Република Македонија презела обврска да им обезбеди сигурен и достоинствен живот на жените со попреченост, ослободен од насилство.

Како мрежа во која членуваат 27 организации, кои повеќе од 20 години работат  на посебните форми на насилство врз жената, бараме од надлежните институции да преземат мерки да го разрешат случајот и соодветно да го казнат сторителот. Овој случај претставува грубо кршење на човековите права, особено на женските сексуални права и слободи кои само делумно се решени во Кривичниот законик.

Сметаме дека е време Република Македонија да му посвети должно внимание на родово базираното насилство и да го криминализира насилството врз жената и системски да ги адресира овие посебни форми на насилство чијашто цел е жената поради нејзината биолошка и социолошка природа.

Затоа, како Мрежа, бараме итна ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа на спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство (Истанбулска конвенција) која ги третира овие видови насилство, специјално насочени кон жените и девојките, низ повеќе одредби, а особено во членот 3 Дефинирање на насилството врз жената (а и г) и во членот 36  Сексуално насилство, вклучувајќи и силување. Ратификацијата на овој документ ќе доведе до соодветно регулирање на силувањето и адекватно казнување на ваквите случаи, а воедно ќе понуди и едно системско менување на институционалниот одговор кон сите видови насилство врз жената и семејно насилство“.

Од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство додаваат дека  со ратификацијата на Истанбулската конвенција Република Македонија ќе ги исполни и јасните барања упатени од страна на Комитетот за човекови права на ОН кои беа упатени на 2-ри и 3-ти јули 2015 година, кога беше разгледуван третиот периодичен извештај поднесен страна на  Република Македонија (CCPR/C/MKD/3) на својата 3170-та и 3171-ва седница (CCPR/C/SR.3170 и 3171).

„Една од клучните препораки на овој Комитет е јасното барање Македонија да го елиминира насилството врз жените и децата и да разгледа признавање на насилството врз жените и децата како посебно кривично дело во Кривичниот законик“, потенцираат од Мрежата.

Кон потребата за ратификација на Истанбулската конвенција M.В / veljanoskim@akademik.mk