/ Прочитано:

1.220

Австриецот Јоханес Хан нов комесар за проширување

Среда, 10 септемеври 2014 – Австрискиот политичар Јоханес Хан, кој досега ја извршуваше функцијата еврокомесар за регионални прашања, идните пет години ќе биде комесар за проширување, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Јоханес Хан

Европската комисија го објави составот на новиот Колеџ на комесари што ќе го предводи Жан-Клод Јункер, каде Австриецот Хан е именуван за наследник на Штефан Филе и во наредните пет години ќе биде “еврокомесар за соседска политика и преговори за проширување”.

Она што е најважно за Република Македонија како земја-кандидат за членство во Европската унија е тоа што комесарското место за проширување ќе постои и во наредните пет години и покрај најавите за негово укинување.

Во новиот состав на Европската комисија, кој брои 28 члена (колку што има и земји-членки на ЕУ) ќе има пет поранешни премиери на земји и четири екс-потпретседатели на Влади, 19 поранешни министри, осум членови со искуство во надворешните работи, 11 членови со солидна економска и финансиска позадина, седум поранешни еврокомесари, осум сегашни или поранешни европратеници и деветмина што учествувале на директните избори за Европскиот парламент. Меѓу комесарите има и девет жени, што со цел остварување на полова еднаквост, беше минимум услов што го постави Европскиот парламент за идниот месец да го изгласа новиот Колеџ на комесари.

Инаку, според наследникот на Жозе Мануел Барозо на чело на неформалната Влада на Унијата, тој ќе има седум потпретседатели, меѓу кои и новата Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини. Таа, како што посочи Јункер, ќе биде контролор на работата на Јоханес Хан и процесот на проширување и соседска политика.

Нова функција во Еврокомисијата е местото прв потпретседател на ЕК, со сите овластувања целосно да го замени Јункер при негово отсуство, ќе биде актуелниот министер за надворешни работи на Холандија, Франс Тимерманс. Тој исто така ќе раководи со ресорот “Подобра регулација, меѓуинституциски односи, владеење на правото и со поглавјето основи права”.

Потпретседатели ќе бидат и Бугарката Кристалина Георгиева, која ќе раководи со европскиот буџет и човековите ресурси, како и Словенката Аленка Братушек (комесар за Енергетска унија). Естонецот Андрус Ансип како потретседател е и комесар за единствен пазар, Летонецот Валдис Домбровскис ќе биде одговорен за еврото и социјалниот дијалог, додека Финецот Јурки Катаинен, освен заменик на Јункер е и комесар за раст, работни места, инвестиции и конкурентност.

– Комесарите се предложени од страна на земјите-членки, но портфолијата не ги добија земјите, туку личностите што се избрани за комесари – порача новиот претседател на Еврокомисијата.

Јункер истакна дека тимот од 27 комесари плус тој како претседател ќе биде победнички тим и тој лично гарантира за компетентноста и искуството кое го носат. “Барав од шефови на државии влади да предложат највисоки профил политичари и никогаш немав идеја дека комесарите се високи граѓански службеници, туку тоа мора да се политичари и да се однесуваат како луѓе со политички проекти, програми и амбиции”, истакна Јункер.

– Оваа Еврокомисија треба да допре до економските и геостратешките предизвици со кои се соочува Европа. Потпретседателите ќе бидат координатори на комесарите со кои имаат слични ресори, а целиот Колеџ на комесари ќе се води според политичката програма која ја претставив пред Европскиот парламент во средината на јули, како и пред Европскиот совет. Имаме обврска да направиме свеж старт и да работиме со посвета на геополитичката ситуација, која е многу важна, економското опоравување и пообединета европа која ќе испорача работа и економски раст на граѓаните – додаде Жан-Клод Јункер.

Инаку, Јункер измеша некои од портофлијата од актуелната европска Влада на Барозо, па, така, покрај потпретседателите, во следниот Колеџ на комесари ќе ги има следните позиции и комесари:

Комесар за правда, потрошувачи и полова еднаквост – Вера Јурова (Чешка); Комесар за дигитална економија и општество – Гинтер Етингер (Германија); Комесар за економски и финансиски прашања, данок и царина – Пјер Московиси (Франција); Комесар за вработување, социјални прашања, вештини и мобилнсот на работна сила – Мариене Тисен (Белгија); Комесар за регионална политика – Корина Крецу (Романија), Комесар за европска соседска политика и преговори за проширување – Јоханес Хан (Австрија); Комесар за Миграција и внатрешни работи – Димитрис Аврамопулос (Грција), Комесар за здравство и безбедност на храна – Витенис Андриукаитис (Литванија); Комесар за финансиска стабилност, финансиски услуги и пазар за капитал на ЕУ – Џонатан Хил (Велика Британија); Комесар за внатрешен пазар, индустрија, претприемништво и единствен пазар – Елжбиета Биенковска (Полска); Комесар за климатска акција и енергија – Мигел Ариас Кањете (Шпанија); Комесар за меѓународна соработкаи развој – Невен Мимица (Хрватска); Комесар за конкурентност – Маргрет Вестагер (Данска); Комесар за транспорт и простор – Марош Шевчович (Словачка); Комесар за трговија – Сесилија Малстром (Шведска); Комесар за околина, поморски работи и рибарство – Кармену Вела (Малта); Комесар за образование, култура, млади и граѓанство – Тибор Наврачич (Унгарија); Комесар за истражување, наука и иновации – Карлос Моедас (Португалија); Комесар за земјоделство и рурален развој – Фил Хоган (Ирска) и комесар за хуманитарна помош и менаџирање на кризи – Христос Стилијанидис (Кипар).

– Комесарските тимови не се статични. Моја желба е Европската комисија да работи блиску со граѓаните, да комуницира, да биде видлива и тоа не само во Брисел и затоа тие многу ќе патуваат и ќе се среќаваат со граѓаните. Секој комесар е важен и секое портфолио е важно. Говориме за тим на еднакви – додаде Јункер, според кого неговиот тим има стратегија и тој не ја открива оти тогаш не би била стратегија.

Новиот состав на Европската комисијата со работа треба да започне на 1 ноември оваа година. Дотогаш, најпрво од 29-ти овој месец до 3-ти октомври, сите комесари треба да минат испрашување во комитетите на Европскиот парламент задолжени за портфолијата што тие ќе ги водат, а потоа и да минат на официјално гласање на пленарна седница на Европарламентот. За нивен избор е потребно обично мнозинство или да гласаат 376 од 751 пратеници во ЕП.