/ Прочитано:

3.091

Говорот на Никола Додевски, претседател на АКРМ, на собраниската расправа за Законот за нотаријатот

Еве, јас ги прашувам присутните судии, кои знаат дека е идентична правната важност и на потврдата на приватната исправа изготвена од адвокат и на нотарскиот акт, или она што популарно го нарекуваат солемнизација и нотарски акт. Знаете која е разликата? Разликата е во цената. Нотарскиот акт чини 12 илјади денари, а солемнизацијата чини 5 илјади денари. Нотарскиот акт е озаконет начин на преземање на ингеренциите на адвокатурата!

akad 3

Новината која сакам да ја потенцирам во Законот за нотаријат е воведувањето на правната сигурност на граѓаните со присуството на адвокати во постапки кои се од суштинско значење за граѓаните. Она што веднаш сакам да го потенцирам, за разбивање на сите дилеми, е дека се работи за идентични трошоци кои се предвидуваат и кои се наплатуваат само за нотарска услуга. Не знам за противаргумент кој може да им овозможи на граѓаните  за идентични правни трошоци зголемена правна сигурност. Тоа што досега го слушавме од страна на Нотарската комора во втората фаза од донесувањето на Предлог – законот,  не беа аргументи, туку беа само поплаки дека ќе морале да ги делат трошоците со адвокатите. Но,  според мене, тоа не се аргументи против, туку се аргументи за усвојувањето на овој закон.

За да дојдеме до тоа што всушност и какви предности ќе  предизвика овој  закон за граѓаните, би сакал накратко да ви кажам за историјатот за утврдувањето на овој предлог-закон. Иницијативата за овој закон беше заедничка од страна на Адвокатската комора на Република Македонија и од  Нотарската комора на Република Македонија.

Се сеќавам на првиот разговор што јас го имав со мојата почитуваната колешка, претседателка на Нотарската комора, Зорица Пулејкова.  Нејзината реакција на предлогот дека адвокатите треба да учествуваат во сите тие постапки и дека изработката на актите и изработката на приватните и останатите исправи треба да биде со учество на адвокатите, беше одлична, супер, заедно ќе ја делиме одговорноста!

И така е. А, зошто да не ја делиме одговорноста? Може ли да има толку кривични пријави за нотари доколку во таа постапка учествувал адвокат, го ставил својот печат и ја потврдил и ја гарантирал исправноста на нотарскиот акт? Не! Може ли да има толку, еве и судиите кои се присутни ќе го потврдат тоа,  граѓански тужби за утврдување ништовност на нотарските акти? Не!

А зошто? Затоа што странката е сама кај нотарот и  може да се направи сѐ и сешто. Ќе имаше ли помалку афери (ги знаете сите афери, како  Фиком, Бачило итн., кои одекнаа и кои оставија унесреќени семејства)? Не!

Знаете дека во основа на сите тие афери беа сите тие нотарски постапувања. Суштински, да, можете колку сакаме да спориме, во смисла: ама, знаете, јас само заверувам потпис, не ја заверувам суштината. Не! И да заверувам потпис, ако во мојата канцеларија за еден стан дошле пет или десет луѓе да го заверат потписот, тоа значи дека нотарот е во основата на тоа добивање на тужби и во унесреќувањето на тие семејства, кои ги завршија предметите така што им пропаднаа парите. Доколку имаше адвокат во тие постапки, немаше да дојде до тоа.

Тоа беа тие усогласени ставови кои ги имавме со Нотарската комора. На неколку седници во Владата заеднички со Нотарската комора го браневме Законот. Знаете до кој момент? До моментот кога Владата зазема становиште дека тоа треба да биде во рамките на истите трошоци. И тогаш почна, не нападот на Законот, туку  нападот од Нотарската комора на  адвокатурата во Република Македонија, со, за жал, невидени средства, со измислување ситуации, со неточни факти и аргументи кои не прилега да се случуваат во една фела која треба да е многу компатибилна со адвокатската.

Сакам да нагласам дека, за жал,  имавме и дезинформации од типот дека тоа бил некој друг закон, изготвен од некои професори, па тој закон го поддржувала, не  овој. Измислица, неточно. Едноставно не е така. Еден единствен закон, со истите идентични решенија, кој го застапувавме заедно  до моментот до поделбата на трошоците.

Е па, по усвојувањето на овој закон нема да има јавна тајна дека одредени нотари во Македонија, точно ги знаат адвокатите кои се тие по име и презиме, во компјутерот имаат изработени договори како приватни исправи, изработени полномошна, дека има нотари кои кога ќе дојде странката  со договор за купопродажба, му  велат оди врати му го, јас ќе ти го направам. На црно! За жал, извор на надриписарството во Македонија во најголем дел се нотарите, дел од нив, нема да генерализирам.

Или, пак, за оставинските постапки. Можете ли да се најдете сам пред нотар да ви расправа оставинска постапка? Зошто би се нашле ако за истите пари имате право да ве застапува адвокатот? Па, нотарот не е судија, а работи судски постапки. По која логика им пренесовме судски надлежности на нотарите, ги направивме надрисудии, најодговорно го кажувам и го потпишувам затоа што судиите се должни да завршат академија, да имаат услови за влез во академијата, да бидат избрани по некаков избор, да бидат оценувани од Судскиот совет. Ништо од тоа не може да биде кај нотарите. Тие се и нотари и судии. А како? Така што ќе им се доверат одредени судски надлежности. Повикувањето на флоскулите дека ова било латински нотаријат, па било упад во системот, не претставуваат аргументи, туку борба за задржување на профитот. Многу лобисти за овој закон и многу лобисти за овој систем на нотаријатот во Македонија, се на платниот список на Нотарската комора.  Знаат, не треба да ги именувам, дури и јавна тајна е кои се тие.

Системите на нотаријатот се  градат и се воведуваат според степенот на развиеност на правниот систем. Во Македонија правниот систем е далеку од тоа да можете да кажете дека е исклучително развиен на не знам какво ниво,  а ние воведовме нотаријат според кој нотарот е адвокат и судија и на крајот нотар.

Знаете што беше нашата радост како адвокати кога се воведуваше нотаријатот и што беше главната реклама за воведување на нотаријатот? Тоа дека судските шалтери кои служат за заверка, а пред кои се создаваа долги и метарски колони од странки,  ќе се растоварат  и ќе одиме да заверуваме приватни исправи кои ќе ги изготвува адвокатот, а ќе ги заверува нотарот.

Но чекор, по чекор се создаде друга реалност. Ако се види првиот текст на Законот за вршење на нотарски работи, побарајте ја одредбата за тоа кои нотарски акти се задолжителни и земете го овој текст на закон, па споредете колку нотарски акти се задолжителни за граѓаните со овој закон и со тој првичен закон. Сега  имате цела листа. Одеднаш се доби цела листа за која мора да одите кај нотарот да ви состави нотарски акти.

Зошто?

Еве, јас ги прашувам присутните судии, кои знаат дека е идентична правната важност и на потврдата на приватната исправа изготвена од адвокат и на нотарскиот акт, или она што популарно го нарекуваат солемнизација и нотарски акт. Знаете која е разликата? Разликата е во цената. Нотарскиот акт чини 12 илјади денари, а солемнизацијата чини 5 илјади денари. Нотарскиот акт е озаконет начин на преземање на ингеренциите на адвокатурата!

Со оглед на тоа дека дојдовме до таква ситуација граѓаните да мора да одат кај нотар бидејќи законот е изготвен од лобистите на нотарите, кои веќе 20 години убаво живеат од нотаријатот, пред пратениците мора да ги кажеме работите со вистинското име.  Значи, работите мора да се кажат со вистинското име,  а не да ни дојде некој германски нотар и да ни рече ова е спротивно на латинскиот нотаријатот. А зошто да не биде англосаксонски нотаријат, а зошто да не бидеме како австриските нотари, а зошто да не бидеме како Британија која не познава нотари, туку адвокати кои го работат сето тоа, а ние да правиме институција од нотарите?

Пазете до кој степен оди ароганцијата на лобистите на нотаријатот. Во тек е граѓанската кодификација, веќе неколку години се работи на неа.  Секој од нас знае каков тип закон е Законот за облигационите односи, значи закон кој ги уредува основните правни односи и основните правни институти во облигационите односи.

Знаете што предложи Нотарската комора?

Во типот на договорите, во основната поделба, да се воведе Договор во форма на нотарски акт. Крај на приказната. Договор во форма на нотарски акт и пријатно. Нема адвокатура, нема приватни исправи, нема составување.  Е, тоа го предлагаат нотарите, тој предлог постои во писмениот материјал. Е зошто? За натамошно јакнење на улогата на нотаријатот, улога која не му припаѓа ниту по устав, ниту по закон, ниту по материјалните, ниту по процесните закони.

Нотарите се писари. Во превод, секогаш биле писари и тоа треба да бидат. Тие не се судии, ниту адвокати. Писарите немаат право ниту да советуваат, ниту да изигруваат адвокати, ниту суд.

Знаете што е новина во улогата на нотарите, исто така, на товар на адвокатурата?

Веднаш ќе ви кажам. 90% од приходите на нотарите се должат на одземената работа и надлежност на адвокатите овие 19 години. Еве сега, во новиот закон се воведува нов институт, а тоа  е Нотарскиот платен налог. Знаете што значи тоа? На мојот напишан предлог, се става печат. За тој печат се наплаќа. Тоа ли е улогата на нотаријатот? И сега одеднаш, зошто во тој предлог да стоел печат на адвокат? Затоа што нотарот од својот компјутер ќе го исфрли и предлогот  и ќе му удри печат. Тоа е  докажано,  докажано е дека во таа и таа канцеларија или во повеќе канцеларии, можете да донесете умрен човек да ви стане жив. Па како? Па така фино, нотарот ќе ви завери дека договорот бил направен додека бил жив човекот. Можете на деловно неспособен, додека бил во постела болен, да му направите дека направил договор за подарок или договор за доживотна издршка, дека бил на нотар или нотарот бил кај него.

Е, тоа е практиката. Затоа, најмалку што може да се направи е да се поддржи учеството на адвокатите во овие постапки. И потоа, адвокатите прават упад. Каков упад? Упад на независноста на судовите е ако по службена должност мора да имате адвокат за кривични дела над пет години затвор? По логиката на нотарите тоа е упад. Нели има една поговорка – прво што треба да направиме е да ги убиеме адвокатите и потоа продолжете.  Тоа сакате? Зошто? За приходот и за заштита на една мала група од 180 нотари. Па уште ќе правиме лобирања и конференции дека Македонија морала да има латински нотаријат.

Во Македонија има правници што ги читаат правните системи, прават компарации. Многу добро знаеме за другите и во кои сѐ  правни системи, па дури и во лулката на нотаријатот, сѐ повеќе се оди кон намалување на надлежностите на нотаријатот. Единствено во Македонија имате ваков агресивен нотаријат, кој секој ден сѐ повеќе и повеќе презема надлежности, па дури и во овој закон.

Знаете каква одредба ќе сретнете во овој предлог ?

Дека други нотарски акти се задолжителни предвидени во други закони. Кои се тие закони, па не знаете во кои сѐ други закони вие како граѓанин морате да направите нотарски акт? Зошто да морате да направите нотарски акт?

Или пак, одредбата дека судот може да му довери на нотарот да врши други работи. Па, чекајте, во Законот за нотаријатот ние кажуваме што може да направи судот. Која е логиката? Ако сака да довери судот, тоа треба да го регулира во своите, судски закони.

Значи, мора да се знае дека со присуството на адвокатите им се дава правна сигурност на граѓаните за идентични трошоци, не треба борбата за профит на нотарите да го загрози тоа и ако нешто, всушност, се загрозува тоа е интересот и профитот на нотарите, на сметка на правната сигурност и правата на граѓаните.

Прочитав еден податок дека од 180 нотари, 35 се дисциплински казнети.  Сега говориме зошто ги има толку.  И оттука, дали ние сме страшно зло ако при ваква ситуација ги штитиме интересите на граѓаните и странките? Зошто е тоа драматично?

Што би рекле за судиите, ако секој четврти судија, како нотарите, е дисциплински казнет? Јас мислам дека ова Собрание под итно би изгласало закон  да бидат разрешени сите судии под итно. А најгласни говорници против овој закон се токму нотарите кои имаат тековни дисциплински постапки. Квазиаргументите потекнуваат од такви нотари. Значи, секој четврти нотар е дисциплински казнет, а вие велите дека никој не смее да влезе кај нотарите, да ги заштитите граѓаните од тие постапувања.

Велат, се работело за неспорни постапки, па сите неспорни постапки се потенцијално спорни, па секој спор започнал од нешто што изгледало неспорно, инаку  тие нема да завршуваат во толкав број на суд.

Затоа, мојата заложба и заложба на АКРМ е враќање на одземеното на 2500 адвокати, заштита на адвокатурата од  квазиситеми со легално надрипистарство и либерализација на колегите нотари Доволно беше заштитена малата група од 180 нотари за екстра профит и енормен број на работи. Вашите синови влегуваат во адвокатурата со отворени врати, како влегуваат вашите синови во нотаријатот, нека ви кажат колегите нотари!

АДВОКАТИТЕ И НОТАРИТЕ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ: Јавна расправа за Законот за нотаријатот

M.В / veljanoskim@akademik.mk