/ Прочитано:

1.654

НАСОКИ ЗА ПРАВНИТЕ ЛИЦА ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР: Внатрешни акти за заштита на укажувачите во правните лица со најмалку десет вработени

Министерството за правда објави предлог - насоки за донесување на внатрешни акти со кои се уредува заштитено внатрешно пријавување во правните лица во приватниот сектор. Насоките за правните лица, велат од Министерството за правда, се во согласност со Законот за заштита на укажувачи.

akad 4

Со Законот за заштита на укажувачи се уредуваат заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно правните лица во врска со заштитено пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.

Заштитено пријавување во смисла на Законот за заштита на укажувачите е пријавување со кое согласно со овој закон се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши казниво или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес.

Јавниот интерес се дефинира како заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, спречување на ризиците за здравјето, одбраната и безбедноста, заштита на животната средина и на природата, заштита на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеење на правото и спречување на криминалот и корупцијата.

Заштитено пријавување во смисла на овој закон е пријавување со кое согласно со овој закон се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши казниво или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес.

„Заштитеното внатрешно пријавување претставува еден од елементите на системот на интегритет, моделот на добро управување, односно системот на усогласеност и претставува дел од антикорупциската политика односно програма на правното лице во приватниот сектор. Успешно воспоставеното заштитено внатрешно пријавување го зајакнува интегритетот на правното лице, ги намалува неговите правни ризици, го заштитува неговиот углед и придонесува во градењето доверба во заедницата и на тој начин позитивно влијае на конкурентноста на пазарот“, се посочува во текстот на предложените насоки.

Категории на лица кои можат да се јават во својство на укажувачи

Категории на лица кои можат да се јават во својство на укажувачи се: лицe коe има засновано работен однос на неопределено или определено време во институцијата, односно правното лице за каде пријавува; кандидат за вработување, кандидат за волонтер или практикант во институцијата односно правното лице за каде пријавува; лице кое е или било волонтер или практикант во институцијата, односно правното лице за каде пријавува; лице кое по било кој основ е или било ангажирано за извршување на работа од институцијата, односно правното лице за каде пријавува; – лице кои по било кој основ е или било во деловен однос или друг однос на соработка со институцијата, односно правното лице за каде пријавува; – лице кое користи или користело услуги во институцијата, односно правното лице во јавниот и приватниот сектор за каде пријавува.

Во предложените насоки се посочува дека:

„1. Правните лица во приватниот сектор со најмалку десет вработени лица со внатрешен акт го уредуваат заштитеното внатрешно пријавување согласно Законот за заштита на укажувачи.

2. Правните лица во приватниот сектор при изготвувањето на внатрешните акти и воведувањето на внатрешните процедури со кои се уредува заштитено внатрешно пријавување ги имаат предвид одредбите од Законот за заштита на укажувачи, Правилникот за заштитено внатрешно пријавување во јавниот сектор и Правилникот за заштитено надворешно пријавување во јавниот сектор, така што задолжително ги следат одредбите за:

а. Пристапност до лице односно место за заштитено внатрешно пријавување и достапност на внатрешниот акт за заштитено внатрешно пријавување за сите вработени во правното лице;

б. Ништовност на одредбите во актите и договорите со кои се уредуваат права од работен однос и работни ангажмани, со кои се забранува пријавување на сомневање или сознание за казниво  дело или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес, безбедноста и одбраната или пак таквото пријавување се дефинира како прекршување на одредби за доверливост, лојалност и професионалност се сметаат за ништовни;

в. Заштита на укажувачот и нему блиско лице од било каков вид на повреда на право или штетно дејствие или опасност од настапување на штетни дејствија заради  извршено пријавување

г. Проширување на заштитата од потточката в. за да опфати и други лица;

д. Забрана за откривање или овозможување откривање на идентитет на укажувач, освен кога тоа се бара со судска одлука;

ѓ. Заштита на личните податоци на укажувачот;

е. Заштита на податоците и примените пријави, записниците, примените или создадени документи и други материјали во врска со заштитеното пријавување;

ж. Правото на укажувачот без одлагање односно во утврден рок согласно закон да биде информиран за преземените мерки во врска со пријавата и преземените мерки за заштита;

з. Упатување на заштитено надворешно пријавување односно заштитено јавно пријавување;

ѕ. Извештајност за воведеното заштитено внатрешно пријавување со цел негово унапредување врз основа на самооценка;

3. Здружение, комора или друга форма на организација на здружени правни лица во приватниот сектор со воведување и воспоставување на заштитено внатрешно пријавување може да опфати повеќе правни лица, така што ќе се смета дека правните лица кои со свој акт пристапиле да ја користат процедурата односно каналот за заштитено внатрешно пријавување во организацијата на здружени правни лица имаат воведено заштитено внатрешно пријавување, согласно актот донесен од страна на организацијата.

4. Соработката меѓу правните лица во приватниот сектор и нивното здружување во деловно-стручни асоцијации може да придонесе за воведувањето, воспоставувањето и мониторингот на заштитеното внатрешно пријавување во приватниот сектор“.

Судската заштита на укажувачите кои пријавуваат загрозување на јавниот интерес

ШТО ПРЕДВИДУВААТ „ЗАКОНИТЕ ОД ПРЖИНО“ – Образложенија на новите закони и законски измени

Укажувачите на корупција ќе се штитат со закон – предложени нови мерки за борба против корупцијата

М.В