/ Прочитано:

1.312

МОСТ: До 17 часот излезноста за референдумот за ГТЦ е 34,55 отсто

Недела, 26 април 2015 – Според податоците добиени од програмата за паралелно пребројување на гласовите, која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите до 15 часот е 29,61%, до 16 часот е 32,21%, а до 17 часот е 34,55%, информираат од МОСТ.

Информациите кои ги добиле од нивните набљудувачи и мобилни тимови досега се забележани неправилности на неколку гласачки места.

„На гласачкото место 2830 на ул. „Ѓуро Ѓоновиќ“ едно лице се претставило како набљудувач, но со себе не носело беџ, туку само копија од овластувањето од општинската изборна комисија. Лицето се уште е присутно на гласачкото место, иако со себе не ги носи сите документи потребни за набљудување на процесот “, соопштија од МОСТ.

Исто така, граѓаните на гласачките места во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ кои не можеле да се пронајдат на Избирачкиот список биле упатени во општинска изборна комисија – Центар, по што еден од нив бил пронајден во Избирачкиот список за граѓани со привремен престој во странство од гласачкото место 2847. Подоцна, тој отишол на соодветното гласачко место и го остварил своето право на глас.

Од МОСТ ја информираат јавноста и дека во текот на денот отворена е бесплатната телефонска линија 080 080 080 на која граѓаните ќе можат да пријават евентуални нерегуларности.

ЦИВИЛ: МТВ го бојкотира референдумот

Невладините организации кои го набљудуваа референдумот, констатираа нерегуларности при гласањето во дел од избирачките места. Според невладината ЦИВИЛ, која го набљудува референдумот за ГТЦ со 100 набљудувачи, се забележуваат огромни проблеми со Избирачкиот список, со што на гласачите не им се дава правото на глас. Од таму повикувајќи се на граѓаните, изјавија дека на улица Народен фронт бр. 19 и на уште две адреси на улица Коста Шахов во населбата Капиштец, лифтовите намерно се расипани.

Од ЦИВИЛ констатираа и дека јавниот сервис и дел од приватните медиуми го бојкотирале референдумот.

„Со разочарување можеме да констатираме дека огромен дел од приватните медиуми кои се под контрола на власта, целосно го игнорираат референдумот. Ако тоа и може да се објасни со ставот на власта, кој е негативен во однос на овој референдум и неговото спроведување, начинот на кој МРТ го бојкотира референдумот е целосно неприфатлив. Забележавме дека јавниот сервис МРТ не ја остварува ни денеска, на денот на гласање за Референдумот, својата улога, доделена со законите и статутот на МРТ“,  велат од ЦИВИЛ.