/ Прочитано:

660

Адеми: Владата ќе расправа за проектот државен испит во наредните денови

Вторник, 9 декември 2014 – На седница на Влада вчера не стигнала за разгледување информацијата на МОН за проектот државен испит и тоа се очекува во наредните денови, соопшти денеска министерот Абдулаќим Адеми.

„Не успеавме да дискутираме поради голем број точки. Се надевам дека деновиве ќе има продолжение на седницата и ќе се дискутира за пакетот закони кои МОН ги достави до Владата како нацрт-закони. Тука се законите за педагошката реформа која ја најавивме пред неколку месеци, а исто така и измените и дополнувањата на Законот за високо образование кои се однесуваат на државниот испит“, изјави Адеми.

Додаде дека Владата кога ќе ги утврди како нацрт-текстови ќе им ги понуди на јавна расправа и дебата во која ќе бидат вклучени сите засегнати и заинтересирани страни. Потоа Владата пак ќе биде информирана за сите забелешки по што утврдениот текст ќе се достави во Собранието.

Во врска со негодувањето на дел од студентите и најавите за нов протест, Адеми повтори дека не отстапуваат од воведување на механизми за контрола и за подобрување на квалитетот на високото образование.

„Ги разбирам студентите, но ќе повторам се уште немаме утврдено ни модел, ни концепт за државен испит. Кога ќе го утврдиме ќе го дискутираме и со нив. Ако има издржани аргументи ќе ги прифатиме, но заедничка цел и на студентите и на Владата е подобрување на квалитетот на високото образование“, рече Адеми.

Информацијата на МОН за реформата државен испит е доставена и до универзитетите како концепт на Министерството, се уште не утврден од Владата. Адеми соопшти што содржи тој.

„Главно тоа што сме го кажале јавно – Одборот за акредитација ќе го спроведе целиот процес на државен испит, прашањата ќе ги составува Одборот заедно со експерти и тие ќе бидат јавно достапни. Ќе има двапати во текот на студирањето – по завршување на втора година и во завршната година. Нема да биде ограничен бројот на полагање на испитот, нема да биде нарушена автономијата зашто државата нема да се меша во креирање на прашањата и на целиот процес. Нема да се наруши Болоњскиот процес, нема да биде дополнителен товар за студентите. Тоа се нашите начела. Се надевам дека и Владата ќе ги прифати“, истакна Адеми.

На прашање што ако универзитетите не се согласат, министерот одговори дека не секогаш МОН односно Владата ќе имаат усогласени ставови со универзитетите.

„Меѓутоа, наша заедничка заложба треба да биде подобрување на квалитетот на високото образование“, додаде минситерот за образование и наука Абдулаќим Адеми по потпишувањето Меморандум за соработка со Фондацијата „Чекор по чекор“на УСАИД.