/ Прочитано:

2.180

Адвокат, судии, обвинители и професори ќе ја воедначуваат казнената политика

Собранието на Република Македонија го избра персоналниот состав на Комисијата за воедначување на казнената политика. Во согласност со Законот за одредувањето на видот и одмерувањето на висината казната, еден адвокат, двајца судии, двајца обвинители и двајца професори ќе бидат членови на Комисијата. Помеѓу нив се имињата на бившиот претседател на Комисијата за спречување на корупцијата, Ѓорѓи Сламков, судијката Гордана Сајковска, обвинителот Јован Илиевски и адвокатот Љубчо Наумовски од Охрид. Адвокатот Наумовски за Академик вели дека наскоро Комисијата ќе добие и свој статут и претседател.

Комисијата има седиште во Министерството за правда

Со Законот за одредувањето на видот и одмерувањето на висината казната се основа Комисија за воедначување на казнената политика. Комисијата има седиште во Министерството за правда и во односите со другите органи и лица настапува со свое лого, кое го утврдува Комисијата. Административните работи на Комисијата ги врши Министерството за правда.

Средства за остварување на програмата, како и за работата на Комисијата се обезбедуваат во рамките на финансиските средства од буџетот на Министерството за правда. Членовите на Комисијата имаат право на месечен надоместок за работењето во Комисијата во висина од една просечна месечна бруто плата исплатена во претходниот месец на ниво на Република Македонија.

Во Законот се пропишува дека комисијата е независно и советодавно тело кое се грижи за воедначување на казнената политика во изрекувањето на казните преку предлагање критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната. Комисијата избира претседател од редот на избраните членови,  кој ќе има мандат од две години, со право на повторен избор.

Адвокат Љубчо Наумовски: Наскоро ќе избереме и претседател

Адвокатот Љубчо Наумовски, кој е избран за член на Комисијата на предлог на Адвокатската комора на Република Македонија, за Академик вели дека претседател на Комисијата се уште не избран.

„Требаше да претседател на комисијата да избереме овој понеделник, но поради оправдани причини, неговиот избор се одложи, но секако тоа ќе биде сторено набрзо“, вели Наумовски, додавајќи дека покрај изборот на претседател, треба да се изгласа и Статутот на комисијата.

Во согласност со Законот, објаснува адвокатот Наумовски, комисијата донесува статутот и програма. Со Статутот се уредуваат внатрешната организација и начинот на вршењето на работата на Комисијата, раководењето со Комисијата, правата и обврските на претседателот и членовите на Комисијата и  употребата на средствата за работа.

Кои се избраните членови на Комисијата за воедначување на казнената политика?

Комисијата е составена од седум члена кои ги избира Собранието на Република Македонија со мандат од четири години, со право на повторен избор од кои:

Два члена се избираат по предлог на Јавниот обвинител на Република Македонија, од редот на јавните обвинители со најмалку 10 години работно искуство во кривичната материја.

Предложени од страна на ЈО и избрани од Собранието на Република Македонија се д-р Неџат Елези, jавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија и д-р Јован Илиевски, основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Во биографијата на Елези стои дека за јавен обвинител е избран во 2009 година, а во 2013 на Факултетот за правни науки на Европскиот универзитет во Скопје го брани својот докторски труд на тема „Општествените услови за реформа на казнените постапки во земјите на западен Балкан за достигнување на европските стандарди“.

Во својата биографија, обвинителот Јован Илиевски наведува дека во 2013 година докторирал на УКИМ на тема „Историја на македонското јавно обвинителство – позиција, улога и перспективи“ и дека има 18 години работи во ОЈО.

– два члена се избираат по предлог на Судскиот совет на Република Македонија од редот судии со најмалку 10 години работно искуство во кривичната материја.

Предложени од страна на Судскиот совет и избрани од Собранието на Република Македонија се Гордана Сајковска, судија на Апелациониот суд Скопје и Татјана Дуковска, судија на Апелациониот суд Скопје.

Гордана Сајковска е избрана за судијка во Основниот суд Скопје 1 во 1997 година, каде била и претседател на Кривичен совет. Во 2009 година е избрана за судија во Апелациониот суд Скопје.

Татјана Дуковска, е избрана за судијка во Основниот суд Скопје 1 во 2005 година, била член на Кривичен совет, а во 2005 година е избрана за судија во Апелационит суд Скопје.

– Еден член се избира по предлог на Адвокатската комора на Македонија од редот на адвокатите со најмалку 10 години работно искуство во кривичната материја.

Предложен од страна на Адвокатската комора и избран од Собранието на Република Македонија е адвокатот Љубчо Наумовски.

Во биографијата на адвокатот Наумовски е наведено дека запишува во Именикот на адвокатите во 1998 година и адвокатската дејност ја извршува и денес. Член е на Управниот одбор на Адвокатската комора и бил претседател на адвокатската заедница во Охрид.

 Еден член се избира по предлог на министерот за правда, од редот на редовните или вонредните професори по предметите од казнената област.

Предложена од страна на Министерството за правда и избрана од Собранието на Република Македонија е универзитетската професорка Арта Билали, професорка по предмети од казнената област.

Арта Билали е професорка на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово и воедно е координатор за мастер студии. Во 2011 година докторирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ. Учествувала на проекти во рамки на Министерството за правда.

– Еден член се избира по предлог на Владата на Република Македонија, од редот на редовните или вонредните професори по предметите од казнената област.

Предложен од страна на Владата на Република Македонија и избран од Собранието на Република Македонија е универзитетскиот професор Ѓорѓи Сламков.

Во биографијата на професорот Сламков стои дека докторирал во 2007 година на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ. Бил инспектор и началник во МВР, асистент по казнено право во Полициската академија, а по докторирањето станува професор на Европскиот универзитет во Скопје, каде бил и декан на Факултетот за правни науки при ЕУРМ. Во изминатиот состав, Сламков  беше член и претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Биографии на членовите на Комисија за воедначување на казнената политика

M.В / veljanoskim@akademik.mk