/ Прочитано:

1.426

Адвокатот Глигорие Ќатоски пред Уставниот суд го оспори членот 29, став 2, точка 5 од Законот за трговските друштва

Адвокатот Глигорие Ќатоски од Струга поднесе Иницијатива за поведување на постапка за уставноста на членот 29, став 2, точка 5 од Законот за трговските друштва.

akademik foto 1

Членот 29 од Законот за трговските друштва, кој е оспорен од адвокатот Ќатоски, се однесува на лицата кои можат да основаат трговско друштво, односно на лицата кои не можат да основаат трговско друштво. Во ставот 2, точка 5 од Законот за трговски друштва се пропишува дека трговско друштво не може да основаат „содружниците, управителите и членовите на органот на управување и органот на надзор на друштвата за кои согласно со членот 552-б од овој закон е започната постапка за бришење додека трае таа постапка и во период од три години од денот на објавата на бришењето на друштвото на веб страницата на Централниот регистар, освен основачите, односно содружниците кои се меѓународни финансиски организации чија членка е Република Македонија и чие учество во основната главнина на друштвото е под 50%“.

Адвокатот Ќатоски истакнува дека со ваквата одредба сериозно се повредува правото на граѓаните за слободен пристап до пазарот и претприемништвото. Со оваа одредба, нагласува Ќатоски, директно се нарушува правото на граѓаните гарантирано и пропишано во Уставот на Република Македонија, односно се прекршува членот 55 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

„Ваквата слобода може да биде ограничена со закон само доколку се работи за одбрана на државата, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето. Видно од содржината на оспорената одредба може да се заклучи дека нејзиното донесување и спроведување во сила не е донесено заради одбрана на државата или зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето. Cо донесување на спорниот член повредена е и еднаквоста на сите субјекти на пазарот, со оглед на тоа дека со спорниот член изземени се од ваквата регулатива основачите, односно содружниците кои се меѓународни финансиски организации чија членка е Република Македонија и чие учество во основната главнина на друштвото е под 50 %“, посочува адвокатот Ќатоски во Иницијативата до Уставниот суд.

При разгледувањето на оспорениот член од Законот за трговски друштва, образложува Ќатоски, го  имавме предвид членот 51 од Уставот на Република Македонија во кој се утврдува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

М.В