/Прочитано:

2.548

Адвокатското беседништво – витешка борба преку знаење, аргументи и зборови

akad 7

Правото е вештина на доброто и еднаквото

„Според латинската изрека сочувана во Јустинијановите дигести, правото е вештина на доброто и еднаквото (Ius est ars boni et aequi). Римската божица на правдата носи вага и превез врз очите за да може да биде непристрасна во одмерувањето на аргументите (suum quique tribuere). Таа носи меч во раката кој е симбол на пресудувањето. Кажано со речникот на римското право, правдата подразбира секому да му се додели она што му припаѓа“, истакнува д-р Сима Аврамовиќ, професор по историја на правото и по римско право на Правниот факултет во Белград.

„Еден од најстарите антички писатели Хесиод нагласува дека за разлика од рибите, ѕверовите и птиците кои меѓусебно се убиваат, боговите на луѓето им го дале дарот на правосудењето, што е нешто најубаво што постои. Оттука, судското беседништво би требало да биде во функција на благородното остварување на целите на правдата и на правичноста“, додава Аврамовиќ.

Римскиот однос кон адвокатурата

Професорот подвлекува дека римскиот однос кон адвокатурата е посебен. За Римјаните, посочува професорот, адвокатурата претставувала благородна професија која најсликовито ја опишал Цицерон велејќи дека адвокатите се најугледните и најславните луѓе кои го стекнуваат угледот преку својот талент и преку заштитата на правата на луѓето.

„Цицерон посебно инсистирал на тоа дека судскиот беседник, како и секој друг, мора да биде многу образован. Образованието на беседникот му го носи и угледот. Уште во Стара Грција беседниците морале да имаат широко образование кое опфаќало дијалектика, логика, математика, филозофија, право и, секако, реторика“, истакнува професорот Аврамовиќ.

„Беседништвото може да го обземе духот со мудри мисли, а со убави зборови да го помилува увото, да го крене срцето на народот, да ги отстрани сомнежите на судијата, да даде решавачки совети, да ги заштити невините, да им помогне на бессилните, да ги спаси потиштените, да ги ослободи прогонетите, да ги повика заблудените, да ги издигне слабите, да ги понижи дрските, да ги надвладее противниците, да ги придобие колебливите, да ги преобрази сомничавите, да ги затвори отпадниците, да ја поддржи правдата, да ја сруши неправдата и со истата сила да се брани и да напаѓа“, велел Цицерон.

Етичност, реторика и добро образование

Платон, пак, вели дека реториката е вештина на владеење со умовите на луѓето. Правниот филозоф Густав Радбрух нагласува дека ако потеклото на логиката се наоѓа во реторичката настава на софистите, тогаш научната логика првенствено се наоѓа во адвокатската логика затоа што вештината на докажувањето и побивањето низ дијалог е, пред сè, говорот во судот.

Во таа насока, професорот Сима Аврамовиќ, подвлекува дека, како и во антиката така и денес, од добрите адвокати се очекува да бидат не само интелигентни и добро упатени во прописите и судската пракса, туку и да се одликуваат со општа култура и образование, но секако и со етичност.

„Ова во голема мера зависи од индивидуалниот адвокатски престиж, но секако и од угледот на целата адвокатска професија. На крајот, треба да се истакне и дека адвокатите покрај поседувањето на овие квалитети важно е да познаваат доста изрази и да се речити“, вели професорот Аврамовиќ.

Адвокати витези

На судот се одвиваат многу драми, а главните актери се судијата, обвинителот и адвокатот. На судот се решаваат судбински прашања за луѓето. Од тие причини, вели професорот, за адвокатот е многу важно да биде добар беседник.  Ова особено се однесува на адвокатите борци, или како што некои ги нарекуваат адвокатите витези. Овие адвокати се борбени и сакаат победа во судот. Тие се добри за спорови, без разлика дали се работи за граѓански или кривични. Адвокатите советници, пак, имаат помирен темперамент и тие се одлични за давање правни совети, особено во поглед на составувањето на договорите или пак за давање совети во однос на трговското право.

М.В