/ Прочитано:

850

АФЕРА БЕТАНКУР: Апелациониот суд го потврди судското гонење против Саркози

Вторник, 24 септември 2013 – Апелациониот суд во Бордо, Франција денеска ја потврди судската постапка во врска со аферата околу „злоупотребата на слабоста“ на наследничката на светската компанија „Лореал“, Лилиан Бетанкур.

Дописникот на МИА од Париз јавува дека со оваа одлука на Апелацониот суд, е овозможено продолжување на постапката против поранешниот француски претседател Никола Саркози и некогашниот министер за финансии и благајник на Унијата на народното движење (УМП), Ерик Верт, за кои постои сомневање дека „ја искористиле слабоста“ на милијардерката.

Судот ги отфрли барањата на поранешниот претседател за запирање на постапката.

Медицинската експертиза покажа дека Лилиан Бетанкур „ги немала сите ментални капацитети“, па затоа Судот реши дека останува обвинението за злоупотреба на слабост.

Саркози засега не реагираше на одлуката на Судот, но неговите блиски соработници сметаат дека оваа афера сигурно може да ги наруши плановите за неговото евентуално враќање на политичката сцена во Франција.