/ Прочитано:

1.762

АКАДЕМИК АНКЕТА: Што мислат адвокатите за Правилникот за начинот за одмерување на казните

Среда, 22 јануари 2014 – „Какво е Вашето мислење за потребата од донесување на Правилник за начинот за одмерување ка казните?“ – е прашањето кое за Академик го одговорија дел од македонските адвокати, давајќи свои согледувања, ставови, мислења и предлози во врска со најновите измени на кривичното законодавство.

Адвокат Александар Тортевски: „Предлагачите на Правилникот не се свесни дека интервенираат во општиот дел на Кривичниот законик, можеби најсовршениот дел од нашиот правосуден систем и дека ако оваа идеја помине, тоа ќе значи укинување на двостепеност на постапката бидејќи ако постои строг и задолжителен правилник, судијата нема да може да згреши, механички ќе го примени, па нема да има потреба од второстепена контрола“.

Адвокат Гоце Штерјовски: „Донесувањето на Правилникот за одмерување на казните е позитивна одлука и го одобрувам неговото имплементирање во казнената постапка, но предлагам истиот да биде дел од Кривичниот Законик, а не да егзистира во форма на подзаконски акт како Правилник. Еднаквоста на граѓаните при одмерувањето и изрекувањето на казните ќе биде значително поизразена на овој начин од причини што моментално е дадена преголема слобода на судот во одмерувањето на казните и можни се злоупотреби. Судот е потребно да носи одлука само за вината на обвинетиот според доказите, а одмерувањето на казната потребно е да е ограничена со правила на изрекување како би се спречиле злоупотребите. Одредбите од овој Правилник ќе биде доста сложено да се изготват и предлагам да не се усвојува без претходно одобрение од целата фела на судии и адвокати како би одговориле со успех во практичната примена во Судовите“.

Адвокат Дељо Кадиев: „Сметам дека носењето на Правилникот за одмерување на казни не претставува добар акт, а од следните причини. Воедначувањето на судската пракса е навистина неопходен услов за правилно функционирање на новиот Закон за кривична постапка,бидејки спогодувањето ,како можеби најбитна новина на овој нов Закон, всушност е невозможно да функционира без да однапред осомниченото лице, со голема доза на сигурност, знае каква и колкава казна го очекува. Тоа е аспект кој оправдува воедначување на судската пракса,која е различна на територијата на Република Македонија. Но, од друга страна, воедначувањето на казнената политика со општ акт- Правилник е нешто кое не би претставувало добра практика. Всушност се работи за воведување на нешто , што како такво е напуштено токму од правните системи од каде и се воведе новиот закон за кривична постапка.Во САД, до пред каток временски период постоеше т.н. sentencing guidelines (упатство за изрекување на казни) што би претставувало пан-дан на Правилникот кој би требало да го донесе Врховниот суд.Но,Врховниот суд на САД го укина овој акт бидејки е во спротивност со индивидуализација на казната. Врховниот суд на САД се раководеше од основното начело на казненото право дека секоја казна треба да биде сообразена на лицето кому му се изрекува,така да со општ акт, акт кој би се однесувал на однапред неограничен круг на лица, таквото нешто не мже да биде постигнато и вушност на Судот ќе „му бидат врзани разцете“ во индивидуализрањето на кривичната санкција на едно лице.Значи, Врховниот суд на САД согледа дека еден ваков акт,кој во САД опстојуваше повеќе години, претставува пречка за индивидуализација на казната и од тие причини го укина оој општ акт. Наместо да се раководиме од искуствата на државите чиј систем го превземавме,а новниот Закон за кривична постапка е практично воведување на англо-американскиот систем на т.н. акузаторна постапка,наспроти континенталната-инквизиторна постапка која досега се применуваше кај нас,ние воведуваме нешто што е веќе архаизам во тој систем. Сметам дека никој друг,но токму Врховниот суд на Македонија е надлежен за воедначување на казнената политика,но за тоа секако му стојат на располагање други механизми за влијание на казнената политика,а не носење на Правилник. Вррховниот суд тоа може да го чини и со досегашните механизми кои му стојат на располагање согласно Уставот и Законот за судовите,само треба да превземе вистински чекори во исполнувањето на таа улога. Од овие причини моето мислење е дека носењето на ваков Правилник за одмерување на кривичните санкции не би претставувало добар акт за нашето правосудство“.

Адвокат Филип Медарски: „Nullum crimen, nulla poena sine Правилник! Воведување на можноста критериумите за казнување да се пропишуваат со Правилник, а не со закон претставува рушење на целокупниот досегашен казнено-правен систем и експеримент со несогледиви штетни последици по правата на граѓаните. Проблемите на ова решение се повеќекратни. Најпрво, наместо досегашното начело на законитост во пропишување на казните (и соодветно-критериумите за казнување) ние оваа област ќе ја уредуваме со подзаконски акт-Правилник, решение што е непознато во системот на континенталното право. Од материјално-правен аспект, проблематично е што ќе бидат определени фиксни критериуми, по кои судиите ќе мораат да се раководат при одмерувањето на казната, а заради наводно воедначување на судската пракса. Историски, мене ова ми наликува на францускиот Кривичен законик од 1791, каде казните биле стриктно пропишани, а судиите биле „уста на законот“ бидејќи само ги изрекувале оние казни, кои законот ги пропишувал. Никаква индивидуализација на казната не била дозволена. Набрзо, недостатоците на овој систем била увидени и тој систем бил напуштен(за ние сега да го вадиме од нафталин и да го воведуваме кај нас)“

Адвокат Горан Николовски: „Согласно моето убедување воведување на Правилник кој би определувал водначување на судски казни е погрешна идеја која во целост би ги дерогирала целокупниот кривичен законик и начелото на индивидуализација на казната.Самиот КЗ определува долна и горна граница за едно кривично дело, а судијата ценејќи ги сите околности осленителни и отежнувачки, личноста и возрааста на сторителот, неговотото претходно однесување, волјата за сторување на делото, свеста за сторување на делото … итн … изрекува кривична осуда. Во КЗ постојат и институти за вонредно ублажување на казните како и определување на условна осуда. Логично прашање е дали со воведување на Правилник за уедначување на казни овие наведени институти ќе се исфрлат од КЗ?! Сметам дека ваквиот Правилник би бил само една непотребна авантура и негативно би се одразило како на судството така и на правичноста и правдата која понегаш судиите ја земаат предвид при одмерување на казните и воедно невозможно е со Правилник да се определуваат исти казни затоа штто ниту едно кривично дело не е исто. Имено, иако можеби навидум определени дејстија содржат битија со кои се исполнува законска дефиниција на едно кривично дело сите тие дејстија се разликуваат по мотив, свест на сторител, околности под кои е сторено делото, различен вид на стварна или правна заблуда итн“.

Адвокат Ванчо Ангелов: „Поодамна требаше да има иницијатива за донесување на Правилник, пред се од причина што во судовите на територијата на Република Македонија, сите ние бевме сведоци на различно одмерување и изрекување на кривични санкции и казни. Посебно сакам да истакнам дека во судот во Скопје, како и судовите во источниот дел од државата  изрекуваа построги казни за исти кривични дела во однос на судовите во западниот дел на државата, посебно судот во Гостивар, Тетово, Дебар, Кичево, кои за исти и слични кривични дела немат изречено ниту приближно соодветни кривични санкции и казни. Го поддржувам правилникот во целост, а секако сум на мислење дека и судиите кои отстапуваат од препораките на овој Правилник, сепак сносат некаква одговорност за нивното работење“

Адвокат Митко Петрески: „Апсолутно сум против носење на правилникот од причини што сметам дека на таков начин ќе се ограничат правата на обвинетите и на некој начин ќе се суспензира законот, имено сметам дека и со самиот закон сосема доволно е определена висината на казната која се разбира дека од случај до случај не може да биде иста и нејзината висина зависи од отежнителни или олеснителни околности, начинот на кој е сторено кривичното дело и слично и оттука нема никаква потреба од носење на дополнителни правилници“.

Адвокат Мартина Мартиновска: „Не се согласувам со предлогот за донесување на Правилник за одмерување на каните од едноставни причини што ние за тоа имаме закон. На овој начин се прави измена на закон со правилник. И правилникот неможе да има појако дејство од законот ниту пак да представува специјален извор за примена на закон. Само се мешаат работите. Ако се смета дека ова прашање не е доволно обработено во КЗ тогаш треба да се иде со негова измена а не делови од КЗ да се уредуваат со Правилник!!! Мислам дека правната јавност ке биде на ова мислење. Вака како што се прави утре може да се донесе и Правилник за појаснување на оделни делови од Уставност. Може да постојат мислења и правна пракса преку одлуки на Врховниот суд на РМ, но уедначување на судски казни со правник – НЕ. Ова значи дека секоја кривична пресуда покрај заснованост на закон ќе мора да биде заснована и на Правилник. Начелото на законитост доага во прашање? Што има појако дејство законот или правиникот?“.

Адвокат Љупчо Наумовски: „Одмерувањето на казна е регулирано со закон и не може да се изедначи со правилник бидејќи секое дело и секој предмет има своја специфичност и карактеристики. Токму заради тоа во КЗ на РМ се предвидени минимални и максимални казни, а на судиите им е дадено право и обврска предметот во кој постапуваат казната да ја одмерат во рамките на законски предвидената казна и само тие непосредно можат да оценат за отежнителните и олеснителните околности кои се битни во одмерувањето на казната. Во секој случај и со сегашните законски решенија Врховниот суд има овластување да интервенира во пресудите и во уедначување на судската пракса, со свои одлуки или начелни правни мислења“

Адвокат Владимир Данаилов: „Во основа не сум за донесување на ваков Правилник, бидејќи досегашните одредби се сосема задоволителна рамка во која по наоѓање на судот, казната соодветно се индивидуализираше. Имено, секоја казна се одмерува case by case, во зависност и во корелација со олеснителните/отежнителните околности, нивото на опшествена опасност, профилот на сторителот, личните својства на сторителот и неговата здравствена состојба и на неговите блиски, евентуалната и личната штета и загуба на близок од стореното дело, рецидивноста, статусот и законски должности како родител или потомок и слично – кои досега сите се земаат одделно но и во целост при одмерување на казната во судот. Од тој аспект одмерувањето на казната треба да остане како флексибилно право и дискреционо право на судот и не би требало истото да се ограничува со вакви правилници. Некаде прочитав и доколку е тоа е навистина така, дека загрижувачки е, а тоа е дека одредена анализа покажала дека судиите ретко изрекувале најстроги казни !? Доколку донесувањето на ваков правилник бил иснспириран да се корегира таа констатација, тоа го гледам како еднострана тенденција на општо поострување на казнувањето во начело, што придонесува само за поголема унифицираност во изрекувањето на казните, нагласувајќи ја ретрибутивната компонента на казната на сметка на ресоцијализацијата“.

Адвокат Сашко Христовски: „Моето скромно размислување во однос на идниот „Правилник за одмерување на казните“ е сепак повеќе „за“ отколку „против“ , па поради тоа и мојот краен став во врска со неговата идна употреба е позитивен. Позитивен од едноставна причина што во иднина би требало да се очекува дека во однапред определени рамки ќе се изедначат идните изречени казни за сторените дела кои се истородни по повеќето од своите особености , а со тоа и ќе се надминат огромните разлики кои постојат во досега одмерените и изречени санкции од страна на различните судови ширум републиката. Исто така ќе се спречи или во најмала рака ќе се намали продукцијата на „затворски вицови“ за тоа дека постојат лица – осуденици кои сториле потешки кривични дела, а одлежуваат иста или поблага казна од други осуденици кои сториле полесни кривични дела од овие првите, за потоа да следи и заплет во содржината на секој виц кој е во насока на утврдување на „големината“ на нас адвокатите кои сме биле бранители на лицата – обвинети во тие предмети , и на самиот крај од овие „затворски вицови“ се презентираат и нивните научно – фантастични литературни расплети кои секогаш се во врска со нашите почитувани судови. Сето ова се надевам дека ќе биде надминато со изготвувањето на еден квалитетен Правилник, за чие изготвување мојот единствен предлог кон луѓето кои ќе земат учество при оваа значајна правна работа, е да се внимава да не се претера со ограничувањето ( урамувањето ) на слободата на судот при одмерувањето на видот и висината на кривичната санкција. Последново сметам дека е од елементарно значење за постигнување на целта кон која сите ние колегите се стремиме, а тоа е правдина за секој обвинет. Оваа толку посакувана правдина може да биде сочувана само доколку постои слобода кај надлежниот суд да при одмерувањето на висината на санкцијата за секој обвинет поединечно , бидат предмет на слободна оценка сите правни поединости кои произлегуваат од неговата личност , неговите дејствија , доказите кон предметот , и сите позитивни законски одредби , било домашни или меѓународни“.

Адвокат Трајче Арсов: „Правилникот е најлошото нешто што може да и се случи на судската власт! Чуму потреба од судии, доколку судиите следат технички насоки во правилникот при одмерување на висината на санкцијата!? Правилникот се коси со заложбите на Академијата за бирање на стручни, квалитетни и професионални судии, бидејќи со донесување на правилникот и не е важно колку се тие стручни, веќе ќе си имаат правилник по која треба да ги следат беспоговорно насоките. Судиите не се дактилографи или писари, каде е нивната способност за правораздавање? Особено, правилникот е на штета на адвокатите, бидејќи нивните аргументи во одбрана на обвинетиот ќе бидат гола форма која нема никакво значење, бидејќи во правилникот има доволно критериуми по кој ќе се одмерува висината на санкцијата, па во такви услови, зошто судот би ги ценел аргументите на адвокатот. Исто така Правилникот како подзаконски акт е противуставен и противзаконски, бидејќи кривичните пресуди се донесуваат врз основа на кривичниот закон а не врз основа на подзаконски акти. Во таков случај постои опасност Правилникот да има супрематија во однос на КЗ, што е апсурд!“.

Адвокат Оливер Илиевски: „Начелно го одобрувам воедначувањето на казните, меѓутоа премногу е рано за да се даде конечен суд за тоа дали е одработено како треба. Навистина постојат драстични разлики во казнената политика на подрачјето на разните судови, што доведува до заклучок дека можеби се работи и за разни коруптивни дејствија, но мое лично мислење е дека покрај правилникот, требаше да се направи и интервенција во распонот на казни. Сегашниот распон е премногу голем (пр. од 1-10 години, над 4 години и сл.) па сметам дека со приближувањето на законскиот минимум и максимум исто така ќе се постигне и поуедначена казнена политика“.

Адвокат Томислав Сарковски:„Во врска со овој Правилник, мојот став е ПРОТИВ. Причините може да се бараат во КЗ, таму веќе постои регулирано одмерување на кривичните дела (од- до казна). Со вакво прецизирање на казна за определено кривично дело се навлегува во законски одредби преку подзаконски акт (Правилник), а исто така се суспендираат и неколку правни институти, како „олеснителни околности“, „ослободување од казна“, „слободна оценка на доказите“ и др“.

Адвокат Панче Нефтенов:„Секако дека сум против донесување на таков Правилник, од едноставна причина што истиот би бил противуставен бидејќи согласно член 98 од Уставот на РМ, судовите судат врз основа на Устав закон и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот на РМ, што значи правна рамка за примена на такви правилници не постои. Од друга страна со донесување на тој Правилник би се дерогирале начелата на индивидуализација на казната и начелото на слободно судиско уверување, а улогата на адвокатот во постапката би се свела на ниво на нужно зло. Предлогот е несериозен за држава која претендира да биде членка на ЕУ“.

Адвокат Сашко Панчев: „Сметам дека треба да се направи посериозна анализа, не од Владата туку од судската власт Во соработка со Адвокатска комора исто така сметам дека секој предмет е за себе и секој обвинет и неговите дејствија се различни па оттука не се согласувам со Правилникот.“ 

Адвокат Милорад Мартиновски: ЗКП и КЗ прашањето за одмерување на видот и висината на казната го има соодветно регулирано. секое ново со некаков правилник регулирање на овие прашања ги комплицира и усложнува работите без потреба. Друго е прашањето на квалитетот на судискиот  и обвинителскиот кадар, за што посебно требе да се поведе  сметка. А Правилникот  за таква цел е промашена работа. Затоа сметам дека таков на судството не му е потребен.