/ Прочитано:

2.095

АКАДЕМИК НИЗ МАКЕДОНСКИТЕ СУДОВИ: Битола не е само град на конзулите – Битола е град на судиите и адвокатите од антиката до денес!

Битола, градот на конзулите, на музиката и на легендарниот Кемал Ататурк, денес, како и низ историјата во манир на космополитското џентлменство на епохите, нескриено го истакнува својот шарм на цивилизациски конгломерат на културни влијанија и процеси, развивани низ широките сокаци на историјата низ кој гордо се истакнуваат и монументите на историското правосудство, од Хераклеја Линкестис до битолскиот Основен суд – што ја прави и град на судиите и адвокатите.

Град кој е горд со историјата на своето правосудство

Низ тој пресек на историски развој и симбиоза на правната мисла, култура и институции, преку погледот кон прекрасната архитектура и автентичните чекори на раскажувачката моќ на Широк сокак, таму подоле, кон паркот и мостот, евидентно како столбовите во Хераклеја се издигнува битолскиот Основен суд, низ кој поминале генерации и генарации правници, судии и адвокати, кои денес не само што се личносен фактографски приказ за правосудството на ова тло, туку и емотивна состојба на духот преточена и во видни трудови кои како сведоштво и правосудна светост оставаат порака кон идните правнички генерации во Битола.

По инерција на впечатокот за вредностите на хронолошките перцепции, зборот секогаш нужно приоѓа кон изворот на историјата, па и почетниот разговор со претседателот на Основниот суд во Битола започнува со срдечното добредојде од културолошкиот бренд „преведен“ од конзулскиот во правосудниот вокабулар: „Добредојдовте во градот на правосудството и правото“, како што искрено ни посакува господинот Јордан Врбовски, претседател на Основниот суд во Битола.

„Правината се танчит ама не се кинит“

Со долгогодишно раководење на Судот, неговиот претседател и наш соговорник ни соопштува дека е особено горд што Судот во Битола е еден од најефикасните судови во Републиката и што се продолжува традицијата Битола да претставува асоцијација за квалитетното судство и адвокатура.

„Битола е центар на ефикасното судство, во кое раководеле и делувале истакнати правници и судии кои ја граделе својата кариера и во највисоките судски инстанци. Битола е град на судиите и адвокатите. Таа традиција продолжува и денес. Особено сме горди на тоа, за што и подготвивме еден хронолошки историски приказ за Судството во Битола“, вели Врбовски, подавајќи ни ја публикацијата, во која интегрално е опфатаен развојот на битолското судство, а на чија почетната страна впечатливо се испишани зборовите на Марко Цепенков : „Правината се танчит ама не се кинит“.

„Од 1977 до 1985 година бев судија за прекршоци во Општинскиот суд за прекршоци во Битола. Од 1985 година до 1996 година бев претседател на Општинскиот суд за прекршоци, а од 1996 година сум судија во Основниот суд во Битола и тоа за прекршочната, кривичната и истражната област. На 8 февруари 20о8 година бев избран за Претседател на Основен суд – Битола, а во 2012 година повторно ме реизбраа на истата функција“, не запознава претседателот на судот со својот професионален животопис.

Понатаму тој не запознава со историјатот на судот и неговата надлежност. Oколискиот суд во Битола е основан согласно Повелбата на АСНОМ за устројството на редовните народни судови во Федерална Македонија од 31.03.1945 година. Тој функционирал како првостепен суд надлежен за решавање на сите граѓански и кривични дела, освен оние за кои било предвидена надлежност на обласните судови, како и за решавање на сите вонпарнични предмети.

Денес Основниот суд во Битола се основа за подрачјето на општините Битола, Новаци, Могила и Демир Хисар, со Судско одделение во Демир Хисар и има проширана надлежност.

Основниот суд во Битола е апсолутно ефикасен суд

„Определено е да има 28 судии со Акт на Судскиот совет, но моментално има 26. Поради спроведените реформи во правосудството, намален е физичкиот обем на работата. Годината е завршена и оценети сме највисоко како апсолутно ефикасен суд“, посочува Врбовски, додавајќи дека и техничката опременост на судот е на задоволително ниво.

„Судот технички е опремен во смисла на канцелариска опрема и број на простории. Сите кабинети се скоро опремени за судиите со пристоен мебел и опрема, како и самите судници. Дел од судниците имаат опрема за аудио снимање, а другите се во план да се опремат или доопремат. Во овој момент се врши снимање на судењата од граѓанската област, а се прават напори и за кривичната, согласно општиот план и можност“, вели претседателот.

Според него, судиите треба, односно мора да имаат и соработник со што значително ќе се подобри работата во позитивна смисла и во смисла на ефикасноста и експедитивноста што и сега е задоволителна, но може секогаш да се подобрува.

Вработувањето на млади правници – приоритет и стратешка цел

„Законска обврска на секој судија е да има соработник. Се уште не сме на такво ниво, па така еден соработник опслужува двајца судии. Моментално немаме судски приправници, но во иднина во Судот интенција е да се вработуваат дипломирани правници како приправници и од нив да се регрутираат стручни соработници и членови – посетители на Академијата за судии и јавни обвинители со што ќе се испочитува законската процедура за напредување во кариерата“, истакнува Врбовски кој укажува дека клучно за сите стратешки определби во однос на подобрувањето на технолошката опременост и вработувањата се – финансиските средства.

„Но, тоа е веќе прашање на општата слика и план. Ние тие параметри и потреби ги посочуваме и ќе се заложуваме и понатаму“, вели Врбовски.

Како претседател не го крие задоволството што Судот кој го предводи покажува исклучително позитивни резултати што се должи на квалитетот на судиите, добрата комуникација и координација.

Иднината на правото е во младите, само тие може да ја продолжат традицијата

„Во овој контекст, и покрај заложбите и стремежите за поголем напредок, ние сме апсолутно ефикасен суд и според оценката на Врховниот суд. Напоменувам дека тоа е анализирано од повеќе аспекти како состојбата со бројот на нерешени предмети, заостанати и стари предмети и квалитетот на решавањето и судските пресуди“, задоволно ни соопштува претседателот на Судот, додавајќи дека тоа е мотив плус, но и солидна основа да се остварат неговите зацртани заложби, се во функција на интересот на правната држава и граѓаните.

„Иднината на правото останува на младите. Во нашиот град постои интерес за правото како професија и наука, за судството и адвокатурата, но како и секоја професија таа не е искучена од општествените текови, што значи дека развојот зависи од повеќе фактори. Како што напоменав, Битола е град со традиција на правната култура и тоа дополнително влијае врз младите, иако не е тајна дека како и во сите градови голем дел од нив шансата ја наоѓаат надвор од границите. Сепак, не губам надеж дека работите со текот на времето ќе си дојдат на своето место“, ја оценува првиот човек на судот перспективата на правото како образование и професија во Битола и пошироко.

Како што започна, разговорот неминовно завршува со она што е компаративна предност на Битола и поднебјето – автентичната култура, која во еден ден го сублимира и правото како култура на живеењето.

Битола е извор на добри правници

„Битола е град на правници и секако дека има извршено големо влијание врз македонското право. Видни личности се проткаени низ таа историја. За таа цел и јас како еден од коавторите на трудот „Судството во Битола“ сакав да придонесам во запознавање со историјата на битолското правосудство, но и да се прикаже историско-правниот развој на македонското законодавство и практика, од антиката преку римското право, судството на Словените, Османлискиот период, револуционерното законодавство од Илинденскиот период и НОБ па се до современото судство и законодавство “, ентузијастички вели Врбовски, кој и самиот потекнува од родното место на револуционерот Јордан Пиперката, со што и се заокружува нашиот разговор за слободата како имаментна основа за идеалот на правдата олицетворена во ликот на судството.


Разговараше: Милчо Велјаноски

Објавено: 15. 05. 2014