/ Прочитано:

3.017

АКАДЕМИК ОБУКА: Oбјекти во градба, правно дефинирање на односите помеѓу учесниците во градењето, промени во правата и решавање кризни правни ситуации за време на градењето, пренос на права

На 29 март Академик ќе одржи обука за уште една мошне актуелна тема насловена „Oбјекти во градба, правно дефинирање на односите помеѓу учесниците во градењето, промени во правата и решавање кризни правни ситуации за време на градењето, пренос на права“. Обуката ќе се одржи на 29 март во конференциската сала на хотелот Квинс (ТЦ „Зебра“)

На првото предавање од обуката ќе се елаборира прашањето за објектите во градба и за оваа проблематика ќе говори Мартин Оџаклиески, државен советник за управно-надзорни работи од Министерство за транспорт и врски.

 Во своето предавање и дискусија кои се однесуваат на прашањето за објектите во градба, државниот советник Оџаклиески подетално ќе говори за правата стекнати со издавање на дозвола за градење, модалитетите на соинвеститорство, запишувањето на права во јавни книги во тек на градење, пренос на права во тек на градење и практичните последици од прекинување на градба.

Предавачот Мартин Оџаклиески ќе го елаборира и прашањето за застојот во градба и во таа насока ќе говори за пробивањето на роковите и комуникацијата во такви случаи. На обуката ќе се даде и практичен приказ на можни решенија при прекинување со градење од разни причини, а ќе биде и дискутирано прашањето за довршување на градба од засегната страна при прекин или застој на градењето.

Второто предавање е насловено „Договор за градење според FIDIC и според Законот за облигационите односи – компаративна анализа, заеднички елементи и разлики“. За оваа тематика ќе говори д-р Дарко Спасевски, доцент на  Правниот факултет „Јустинијан Први“.

 Предавачот Спасевски особено ќе се осврне на тендерската документација според FIDIC-стандардите, разбирање на предложениот нацрт-договор, комуникација и склучување на договор за градење и  главните елементи на кои треба да се обрне внимание

Исто така, доц. д-р Дарко Спасевски ќе говори и за раскинување на договорот за градење, правните последици во зависност од фазата во која е градбата (што ако градбата воопшто не започне, кои се правните последици ако инвеститорот се откаже во рана фаза на градбата, што ако не ја доврши, која е правната положба на другите засегнати) и  превентивна заштита со договорни одредби за предвремен прекин со градењето.

На обуката посветена на актуелните прашања од областа на градењето и примената на прописите и практиките од  оваа област, ќе се говори и за бројни прашања кои се од клучно практично значење, како што се прашањата за модалитетите за соинвеститорство, кризните ситуации за време на градба и начините како треба да се постави во такви ситуации, потоа  како органот на локалната самоуправа гледа на промените во градба низ решенијата што ги издава и што се случува кога во согласност со законот друг учесник, а не инвеститорот, треба да ја доврши градбата.

Низ практиката неретко се случува градбата да прекине или дефинитивно да се напушти во текот на градењето, а учесниците да останат во недефинирана правна положба со настапување на тој факт.

Кои се стартните и објективните правни позиции на учесниците во градењето? Зошто се инсистира на FIDIC-стандарди во договорите за градба, што се FIDIC-стандарди, како се поврзани со македонското законодавство? Која е правната заштита на учесниците во градба кога од разни причини градбата нема да започне или ќе запре во рана фаза, кој е правниот третман на изграденото, кому му припаѓа и што да се преземе?, се исто така  дел од најактуелните прашања со кои се среќаваат учесниците во градбата, но и органите што ги издаваат дозволите за градење, како и Катастарот кој врши запишување на правата во јавната книга.

Овие актуелни прашања, кои се од особено значење за правниците во државниот сектор и локалната самоуправа, кои ги издаваат дозволите за градба и треба да решаваат во управна постапка за промените во текот на градењето, детално ќе бидат елаборирани на обуката во организација на Академик.

На оваа обука која ќе се одржи на 29 март воедно ќе се дадат и конкретни насоки за дефинирање на правната положба на учесниците во различни правни ситуации, но и ќе се посочат модалитетите на соинвеститорство и начините како да се заштитиме од сите видови престанок со градење.

Обуката ќе биде заокружена со интерактивна дискусија на која учесниците ќе поставуваат прашања до предавачите, разменувајќи мислења и искуства за сите прашања кои предизвикуваат дилеми низ практиката.

Пријавата за обуката можете да ја пополните тука

За повеќе информации, контактирајте нѐ на practicum@akademik.com.mk или на 02/3232-821.