/ Прочитано:

1.412

Академик одржа еднодневна практична обука за измените во Законот за јавни набавки наменета за економски оператори и договорни органи

Ова прашање предизвика голем интерес кај учесниците, кои добија детални информации за тоа кои работи се сметаат за непредвидени работи при постапката за јавните набавки. Експертите им објаснија дека непредвидените работи никогаш не се специфицирани во основната документација и доколку се јави потреба од нив, не е потребно да се добие согласност од Советот за јавни набавки и нагласија дека за да се завршат тие, се спроведува постапка со преговарање во согласност со членот 99 од Законот.  Она што е многу важно во однос на ова прашање е тоа што вкупната вредност на дополнителните работи, на непредвидените работи и на вишоците на работи или на дополнителните услуги, не смее да надмине 30 % од вредноста на основниот договор.

DSC_0372

На еднодневната обука, која се одржа во просториите на Академик, докажани експерти од оваа област најнапред ги запознаа учесниците на обуката со актуелните измени во Законот за јавните набавки и со неговата примена во пракса, нагласувајќи дека овој закон во 2015 година претрпе одредени измени и дополнувања, со кои од 1 јануари 2016 година Советот за јавни набавки стана самостоен државен орган со својство на правно лице.

Со овие измени, како што беше речено, и за Советот за јавни набавки и за Бирото за јавни набавки остануваат главно истите законски надлежности, имајќи предвид дека ни досега не се преклопуваа нивните надлежности. Новината се состои во тоа што Советот добива и проширени надлежности, како на пример обврската за обуки на стручните лица.

Во однос на постапката со преговарање без објавување оглас, учесниците на денешната обука имаа можност да слушнат дека договорниот орган може да спроведе постапка за јавни набавки со преговарање без претходно објавување на оглас само доколку станува збор за набавка на непредвидени работи, како и дополнителни работи или услуги кои не се вклучени во основниот договор, и тоа кога:

  • таквите работи или услуги не можат да бидат технички или економски одделени од основниот договор без поголеми проблеми за договорниот орган или
  • кога таквите работи или услуги, иако можат да се одделат од извршувањето на основниот договор, се неопходни за неговото завршување.

DSC_0376

Ова прашање предизвика голем интерес кај учесниците, кои добија детални информации за тоа кои работи се сметаат за непредвидени работи при постапката за јавните набавки. Експертите им објаснија дека непредвидените работи никогаш не се специфицирани во основната документација и доколку се јави потреба од нив, не е потребно да се добие согласност од Советот за јавни набавки и нагласија дека за да се завршат тие, се спроведува постапка со преговарање во согласност со членот 99 од Законот.

Она што е многу важно во однос на ова прашање е тоа што вкупната вредност на дополнителните работи, на непредвидените работи и на вишоците на работи или на дополнителните услуги, не смее да надмине 30 % од вредноста на основниот договор.

DSC_0371

Економските оператори од повеќе фирми кои присуствуваа на денешната обука имаа можност да слушнат дека доколку при изведување на работите се јават кусоци и/или вишоци на работи, договорниот орган, по добивање на времената ситуација изготвена од страна на изведувачот и потврдена од страна на надзорниот инженер, склучува анекс на договорот за јавна набавка на работи, со кој се уредуваат кусоците и/или вишоците на работи.

Како посебна тешкотија учесниците на обуката ја посочија изјавата за независна понуда, за која им беше нагласено дека ја пополнува исклучиво одговорното лице и се доставува заедно со понудата во секоја постапка одделно. Изјавата за независна понуда не може дополнително да се достави по истекот на рокот за поднесување на понудите.

Како една од најзначајните новини во Законот за јавните набавки експертите ја посочија онаа со која се исклучуваат адвокатските услуги од обврската за спроведување на постапка за договорните органи, а воедно тоа претставува и усогласување со решенијата во новите директиви на Европската Унија за јавни набавки од 2014 година, според кои овој вид услуги се исклучени од примена.

И во измените на Законот за јавните набавки се посочува дека адвокатските услуги се додаваат во листата на услуги чија набавка е исклучена од примена на одредбите на Законот за јавните набавки.

Нотарските и услугите за извршители за кои исто така има тарифници и кои се слични со адвокатските услуги, веќе беа исклучок од примена на Законот за јавните набавки (член 8 од Законот).

DSC_0365

Во однос на подготовката на тендерските документации, економските оператори треба да знаат дека треба да се прави разлика помеѓу критериумите за утврдување на способност, односно евалуација на понудувачот и критериумите за доделување на договорот за јавна набавка, односно за евалуација на понудата. Критериумите за утврдување способност треба да бидат реални, мерливи, пропорционални со предметот на набавката и прецизно утврдени за економските оператори да можат да имаат јасна слика дали нивните понуди се изготвени во согласност со тендерската документација, дали нивните понуди се прифатливи и дали имаат можност да бидат соодветно оценети.

Во случај на група економски оператори, сите членови на групата поединечно ја докажуваат својата лична состојба и способноста за вршење професионална  дејност, а економската, финансиската состојба, како и техничката и професионалната способност се докажуваат со земање предвид на ресурсите на сите членови на групата.

Беа изнесени и повеќе примери за тоа што треба да биде наведено како услов, а што би било соодветен доказ кога се бараат економско-финансиска состојба и професионално-техничка способност како придружни критериуми за утврдување на способност во тендерските документации кои ги изготвуваат договорните органи.

Обуката во организација на Академик навистина ми помогна да ми се разјаснат низа прашања кои се однесуваат на јавните набавки. Посебно добивме многу исцрпни информации за измените на Законот за јавните набавки, рече Ана Мојсовска од Мијадор, фирма за канцелариски материјали

Задоволна сум од сите досегашни обуки што се во организација на Академик. Денешната е исто така многу корисна, особено предавањето кое детално се осврна на измените на Законот за јавните набавки, рече Кристина Тошевска од Фондот за иновации и технолошки развој

Задоволна сум и од организацијата и од предавачите, и што е многу важно тоа е размената на искуства со колегите од другите фирми кои присуствуваат на оваа обука за јавни набавки, рече Катерина Станковска од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност

Првиот дел од обуката беше исклучително корисен. Тука, како економски оператори добивме навистина корисни информации и околу подготовката на тендерската документација и околу измените што се направени во Законот, рече Елена Костадиновска

Ми се допаѓа обуката, особено поради тоа што е интерактивна, што имавме можност да поставуваме прашања во текот на предавањето, што е за нас многу важно. Сето ова ќе ни помогне во практичното работење, рече Андријана Тодоровска од АД Водостопанство на РМ

Обуката е супер, предавачите се одлични, целокупната организација е одлична. Најдобро е тоа што, додека тече предавањето, со останатите колеги дискутираме за сите недоречености со кои се среќаваме при постапките од јавните набавки, рече Анета Пешевска-Ѓорѓиевска од Национална агенција за европски образовни програми и мобилност

Јас би кажал збор-два за просторот во кој се одржува обуката – навистина одлично место! Сите учесници подеднакво можат да слушаат и да научат. Многу е потешко да ви се разјаснат некои работи ако седите во последните редови во огромни сали. Исто така, би сакал да нагласам дека дискусијата тече беспрекорно, поставуваме прашање веднаш и тоа е веднаш одговорено, и што е многу важно сè е поткрепено со примери, рече Александар од Факултет за музичка уметност