/ Прочитано:

2.056

Академик одржа обука на тема „Инфраструктурни објекти, постапка за легализација, запишување во катастар, запишување права врз инфраструктурни објекти“

Денеска Академик одржа обука за мошне актуелна тема поврзана со решенијата во Законот за катастар на недвижности и новиот Закон за градежно земјиште, насловена како „Инфраструктурни објекти, постапка за легализација, запишување во катастар, запишување права врз инфраструктурни објекти“. Предавач на обуката организирана од Академик беше директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Славче Трпески.

akad 2

Законот за катастар на недвижности и новиот Закон за градежно земјиште содржат повеќе решенија кои предизвикуваат најразличен правен третман во практиката, особено во поглед на уредувањето на градежното земјиште и воспоставувањето подземна, надземна и патна инфраструктура и нејзините карактеристики: премер, легализација и уредување.

akad 2

Во таа насока, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Славче Трпески, на обуката елаборираше бројни прашања поврзани со воспоставувањето катастар на инфраструктурни објекти, влијанието на подземниот катастар врз катастарот на недвижности и карактеристиките на инфраструктурните објекти.

akad 2

Со Законот за катастар на недвижности, истакна Трпески, се уредува управувањето со Геодетско-катастарскиот информационен систем, одржувањето на катастарот на недвижности, востановувањето и одржувањето на катастарот на инфраструктурни објекти како дел од катастарот на недвижности.

akad 2

Основните начела на подземниот катастар се: начелото на задолжително запишување, начелото на конститутивност на запишувањето, начелото на јавност на запишаното, начелото на точност и верба во запишаното, начело на законитост при запишувањето, начелото на приоритет, начелото на одреденост и  начелото на самостојност на запишувањето.

akad 2

Во врска со содржината и со управувањето со Геодетско-катастарскиот информационен систем, Трпески нагласи дека овој систем ги содржи просторните и описни податоци од катастарот на недвижности, основните геодетски работи, премерот на недвижностите, државната граница, геодетските работи за посебни намени, за вредноста на недвижностите, топографските карти, Регистарот за просторни единици, Регистарот на цени и закупнини, Графичкиот регистар за улици и куќни броеви и Графичкиот регистар за градежно земјиште.

foto

„Одржувањето на катастарот на недвижности се состои од запишување на недвижности кои останале со незапишани права, како и запишување на промени во катастарот на недвижности и во катастарот на инфраструктурни објекти како дел од катастарот на недвижности“, посочи Трпески, појаснувајќи дека катастарот на инфраструктурни објекти се востановува како дел од катастарот на недвижности.

akad 2

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности говореше и за прашања поврзани со премерот, запишувањето објекти на инфраструктурата во јавните книги, легализацијата на инфраструктурни објекти, како и за повеќе прашања кои се однесуваат на хипотеките и закупите на инфраструктурни објекти.

akad 2

Предмет на премерот на недвижностите, образложи тој, е прибирање просторни и описни податоци за државната граница, за границата на катастарската општина, за катастарските парцели, за зградите, за посебните и заедничките делови од згради и други објекти, за инфраструктурните објекти, како и нивната обработка и обликување во функција на востановување и одржување на катастарот на недвижности.

akad 2

„Премерот во функција на востановување на катастарот на недвижности, како и премерот во функција на одржување на катастарот на недвижностите, се врши по барање на странката“, рече директорот Трпески.

akad 2

На обуката Трпески даде детален осврт на новиот Закон за градежно земјиште, а говореше и за прашањата кои се однесуваат на предбележувањето на инфраструктурните објекти и запишувањето на инфраструктурните објекти во Катастарот на инфраструктури.

akad 2

„Владата на Република Македонија во својата програма за работа за 2014–2018 година предвиде реализација на проект за овозможување на склучување на купопродажни договори за недвижности по електронски пат. За да се реализира проектот потребно е за тоа да се даде законска можност во Законот за градежно земјиште, каде што ќе се предвиди постапката за отуѓување на градежното земјиште сопственост на Република Македонија да се спроведува по електронски пат, како и склучувањето на договорите за отуѓување на градежно земјиште“, рече Трпески.

foto

Тој образложи дека со новиот Закон за градежно земјиште подетално се дефинираат начините како да се добие одобрение за градба на инфраструктурен објект и како да се добие предбележување на тој инфраструктурен објект. Законот, подвлече директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, ја предвидува и постапката за упис и добивање на имотен лист. Своето излагање тој го заврши и со елаборација на повеќе аспекти од Законот за градење, кои се однесуваат на решението за градба и на одобрението за градење.

„Обуката беше доста корисна, имаше интересно и опсежно излагање, позитивно ја оценувам“, Валентина Бојчевска, БЕГ.

„Овие реформи што ги прави Катастарот се за поздрав и нив треба да ги следат сите институции. Денешната обука помина одлично, се говореше токму за тие реформски аспекти на Катастарот и на убав начин се дискутираше за сите новини во таа насока“, Горазд Поповски, Стопанска банка АД Скопје.

„Супер беше реализирана обуката. Секогаш кога се реализираат вакви обуки со Катастарот поминуваат одлично“, Македонка Димитрова и Теодора Гушкова-Проданова,  Комерцијална банка.

„Солидно спроведена обука со солидно предавање. Се говореше за сите  новини во делот на катастарот, градежното земјиште, градењето, односно за значајните новини од законските прописи во тој дел“, Васил Јошески и Фаница Гогол, Општина Крушево.

„Задоволен сум од обуката. Излагањето на предавачот Трпески беше многу корисно и концизно образложено“, Иле Трајков,  ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија.

„На денешната обука се говореше за инфраструктурните објекти, за постапката за легализација и за запишувањето права врз инфраструктурни објекти.  Во таа насока, имаше многу интерактивна дискусија, многу прашања, но и одговори“ Јулијана Гацева и Јулијана Ристова, Општина Демир Капија.

„Корисна и добро реализирана обука во секој поглед, посебно во делот на разјаснувањето на законските новини кои се однесуваат на градежното земјиште“, Гани Фетаи и Агрон Лимани, Општина Желино.