/ Прочитано:

1.368

АКЦИЈА „ЈУСТИЦИЈА“: Уапсени 14 судии и 11 судски службеници – се сомничат дека го оштетиле буџетот за 1,3 милиони евра

Среда, 8 октомври 2014 – Во голема акција под оперативно име „Јустиција“ уапсени се 25 лица од Одделот за прекршоци при Основен суд Скопје 1. Приведени се 14 судии и 11 судски службеници кои според Обвинителството се осомничени за несовесно работење со што го оштетиле Буџетот за повеќе од еден милион и триста илјади евра.
Според МВР, пак, се работи за злоупотреба на службената положба која се случувала во периодот од крајот на 2012 и првото тромесечие од 2013. „Пријавените во својство на судечки судии во Основен суд Скопје 1 во Одделот за прекршоци, во текот на 2012 и во првото тромесечје од 2013 година, заедно со останатите пријавени во својство на службени лица кои работеле со нив, постапувајќи по прекршочни предмети кои се примени во судот во текот на 2010 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластувања и со неизвршување на својата службена должност, нанеле штета на Буџетот на Република Македонија од значителен износ, односно во износ од 1.308.515,00 евра за ненаплатена, а пресудена глоба, и 3.773.500,00 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал за околу 8.000 застарени предмети“, истакна на пресконференција минситерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Според МВР пријавените лица во својство на судечки судии кои ги воделе прекршочните постапки, во договор и со посредство на судските службеници кои работеле во истото Одделение, ги воделе судските постапки без притоа обвинетите да се појавуваат на рочиштата, односно со констатација дека истите се недостапни за судот, а  со намера да помине подолг временски период и да се оддолжи постапката. „Најчесто, по одржување на последното рочиште, судијата во законски предвидениот рок, а понекогаш и по истекот на тој рок, носел осудителна пресуда и изрекувал санкција во глоба и мерка забрана, а во месечниот извештај го прикажувал предметот како казнив и пресуден. Меѓутоа, наместо да ја верификува и експедитира пресудата во прекршочната писарница, со што истата би станала правосилна по предвидениот рок за жалба, а подоцна и извршна, а со тоа би се наплатила и санкцијата од обвинетиот, за сметка на буџетот на Р.Македонија, судијата, вака донесената пресуда ја чувал кај себе подолг временски период, односно до периодот после застарување на делото.Откако истото ќе застарело ја верификувал и доставувал во писарницата. Исто така судските службеници примерок од пресудата по налог на судиите, доставувале само до подносителот на пријавата, а не и до обвинетиот. Вака доставената пресуда, по нејзиното застарување, со потпис на судијата на соодветно изготвен штембил неспоменат во судскиот Деловник чиј текст гласи: „Согласно чл.42 ст.7 од Законот за Прекршоци, „СЕ ЗАПИРА“ прекршочната постапка према обвинетиот, поради застареност на прекршочното гонење”, а на самиот штенбил има и дата и потпис на судија со која дата и потпис предметот се архивира без да се извести подносителот за истото“, наведе Јанкулоска На новинарско прашање дали за овие дејствија тие добивале некаков надомест, министерката одговори дека според доказите на МВР ова го правеле поради лична услуга на лицата. Во моментов 24 лица се лишени од слобода и изнесени пред надлежен Јавен обвинител, додека се уште се работи на обезбедување на уште еден судија.
Е. П.