/ Прочитано:

908

АНАЛИЗА НА СУДСКИ ПРЕДМЕТИ: Потребно е преиспитување на работата на судиите кои постапувале незаконски

Анализата на дванаесет правосилни судски случаи за предмети процесирани во изминатите десет години покажува целосно непочитување на законите и една голема потреба од сериозно преиспитување и на работењето на судиите и на судската практика во Македонија, изјави денеска претседателката на Транспаренси интернешнал – Македонија, Слаѓана Тасева.

Согледувањата се поразителни, посочи Тасева на денешната промоција на темелната анализа „Правосудниот систем под лупа“, и оваа книга ќе претставува сведоштво за едно нестручно, несоодветно, незаконско работење на правосудниот систем во Македонија.

„Очигледно е дека се направени многу повреди на законите, а со тоа и многу неправди. Почнувајќи од тоа како е определуван притворот без образложение, понатаму дека обвинителните акти не содржат конкретни дејствија и описи на дејствија за поединци кои целосно се игнорираат. Во пресудите ги нема решителните факти од тие предмети и не можеме да видиме ни кој какво дејствие сторил и за кое дејствие му е изречена мерката“, изјави Тасева.

Тасева посочи дека одговорноста може да биде поединечна, но дека одговорноста овде е и системска, затоа што не може сите инстанции во нашето правосудство да не видат дека станува збор за незаконско работење од страна на судовите и на оние што се вклучени во постапките.

Во однос на досегашниот процес на реформи во правосудството Тасева рече дека немаме видено реформи.

„Видовме само обид да се направи стратегија. Овие наоди треба да бидат силна поука за натамошното работење на правосудните органи. Оваа книга не смее да ја игнорира ниту еден кој сака да седи во судница и биде добар судија“, изјави Тасева.

Анализата „Правосудниот систем под лупа“ е изработена од Транспаренси интернешнал – Македонија и „Зелена лупа“ од Скопје.

М.В