/ Прочитано:

1.104

„Анима мунди“: Градот да воведе категорија „старател на бездомно животно“, а не да забранува нивно хранење!

Вторник, 18 февруари 2014 – Воведување на категоријата граѓанин – „старател на бездомно животно“ и исфрлање на забраната за хранење бездомни животни на јавни површини, вметната во Предлог-одлуката за комунален ред, која утре ќе се најде на дневен ред пред Советот на Град Скопје, бараат од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ .

„Скандалозни одредби во однос на животните и љубителите на животни, категорично неприфатливи за љубителите на животни“, вака од Анима мунди го оценуваат исфрлањето на забраната за хранење бездомни животни на јавни површини предвидено со Предлог-одлуката за комунален ред во Градот Скопје.

Од Здружението посочуваат дека по нивно барање текстот од Предлог-одлуката им бил доставен на мислење. Иако, како што наведуваат, имале бројни забелешки, тие бараат „да не се повторат истите грешки кој ќе ја стават хуманоста на градот под сериозен знак прашање и го компромитираат“. Aктивистите очекуваат, амандаманите кои ги доставиле да им бидат прифатени.

„Колку за промер, член 74 и неговата алинеа 5,  која забранува чување, хранење и грижа  на бездомни животни кај граѓаните, акт кој доколку се усвои оваа Одлука би се третирал за престап, за што граѓанинот кој се грижи за бездомни животни  може да заработи парична казна!

Анима Мунди  смета дека ваквиот чекор би бил скандалозен и нуди помош и модели за хумано и трајно решавање на проблемот со бездомните животни, решенија за доброто на сите. Во тој контекст забрана за  „Чување на животни скитници на јавни површини“ и нивна грижа е апсолутно неприфатлива, срамна, сурова и категорично бараме да се укине. Оваа точка е пред се во конфликт и контрадикторност со фактот дека во Градот Скопје постојано има нерегистрирана бездомна популација на кучиња и, како таква, оваа алинеа е во целосна спротивност со програмата  „Залови, стерилизирај, (вакцинирај, чипирај) врати“, која градот Скопје се има обврзано да ја спроведува. Вратените кучиња, се на улица –  но не по своја вина, и за нив е неопходна храна и грижа.  Прашуваме ако се забрани хранењето на бездомните кучиња, дали таа обврска  за нивна грижа и хранење на улица, ќе ја превземе градот Скопје? Ако не, што да јадат бездомните животни – да јадат од контејнери, трчаат по секој човек кој носи кеси со храна, да умираат од глад ли?“, се наведува во образложението на Здружението.

Оттаму го наведуваат примерот од Белград, каде што веќе постојат старатели на бездомни животни. Се работи за лица кои се внесени во регистар, со лични податоци, и кои со сопствени ресурси ја преземаат одговорноста за бездомните кучиња за кои одлучиле да се грижат. 

„Тоа е лице што не е сопственик на животно, кое континуирано и волонтерски помага на животните а со тоа и на градот (ги храни, лекува, стерилизира, обезбедува да не бидат здравствена закана за околината), практикува општествена одговорност и волонтира и за тоа ужива одредени права“, појаснуваат од „Анима мунди“.