/ Прочитано:

1.396

АНОНИМНА ВЕБ-ПЛАТФОРМА НА РЕАКТОР: Наместо да трпиш, пријави повреда на работничките права и дискриминација на работното место

Вторник, 5 мај 2015 – Организацијата Реактор го објави својот нов проект prijavidiskriminacija.mk, вебплатформа која собира искуства со дискриминација при барање работа, при вработување или дискриминација поврзана со работата.

„Платформата овозможува анонимно споделување дискриминација и повреда на правата на работничките и работниците, а преку неа сакаме подобро да ги разбереме опсегот и типот на дискриминација и повреда на работничките права“, велат од Реактор, организација што се занимава со истражувања кои се со цел да креираат политики.

На веб-страницата ПРИЈАВИ ДИСКРИМИНАЦИЈА може да се пријави каква билодискриминација поврзана со работното место, дискриминација поврзана со вработување, дискриминација од страна на претпоставените или од  колегите.

Прикриените и непријавени повреди на работничките права да бидат собрани на едно место

Од Реактор нагласуваат дека целта на проектот е ситуациите и повредите на работничките права, кои често се прикриени и остануваат неприкажани и непријавени, да бидат собрани на едно место и да се овозможи нивна анализа.

„Особено нè интересираат повредите и дискриминацијата штонастануваат врз основа на пол или на родов идентитет. На тој начин сакаме да го измериме опсегот на проблемот, но и да ги идентификуваме најчестите видови на повреда за да може да предложиме соодветни решенија. Воедно, со оваа веб-страница, на лицата чии права биле повредени сакаме да им овозможиме простор каде што ќе биде слушнат нивниот гласи каде што ќе можат да ја споделат својата приказна. Исто така, се надеваме дека преку платформава ќе успееме да ја поттикнеме свеста на граѓаните, ќе ја зголемиме одговорноста кај работодавачите и на тој начин ќе придонесеме за намалување на дискриминацијата и подобрување на работната околина за сите нас“,објаснуваат од Реактор.

Што ќе се случува со податоците?

Од Реактор велат дека пријавите се предмет на статистичка квантитативна  и квалитативна анализа од страна на Реактор– Истражување во акција.

Сумарните резултати од пријавите ќе се доставуваат до надлежните институциина секои шест месеци со цел да се поттикне решавање на проблемите на работниците и на пазарот на труд. Веб-страницата нема да се користи за поведување заштита во индивидуални ситуации, освен доколку самата жртва не го побара тоа, при што по добиена согласност се дава правна помош.

„Веб-страницата е еден од начините на кои ние собираме податоци за степенот на дискриминација на работно место во Република Македонија. Имајќи предвид дека често работниците се „подготвени“ да трпат повреди на нивните права, сметавме дека преку анонимна платформа ќе успееме да обезбедиме сигурна околина преку која ќе може да се осознаат големината и формите на дискриминација и повредите на работничките права. Податоците се собираат и се анализираат анонимно“, појаснуваат од Реактор.

М.В