/ Прочитано:

769

Антиќ и Сефолоша приведени, па пуштени на слобода: „Ќе докажeме дека не сме погрешиле“

Четврток, 9 април 2015 – Ќе докажeме дека не сме погрешиле и не сме направиле ништо лошо, пишуваат во заедничка изјава за јавноста, единствениот Македонец во НБА лигата Перо Антиќ и неговиот соиграч во Атланта Хоукс, Табо Сефолоша откако беа притворени па пуштени на слобода по дадениот исказ пред Судот во Њујорк за инцидентот што се случи во ноќен клуб во Челзи.

„Како членови на Атланта, се придружуваме кон високите стандарди на однесување и нашата улога во професионалниот тим е максимално сериозна. Ќе сториме сè за да докажеме дека не сме погрешиле и не сме направиле ништо лошо. Им се извинуваме на семејствата, на соиграчите и на сите од тимот на Атланта за негативниот публицитет што им го донесе овој инцидент. Не смееме да коментираме повеќе сè додека трае процесот“, се вели во заедничката изјава.

Кошаркарите добија поддршка и од нивниот тренер, Мајк Буденхолцер кој напиша дека зад нив стои целиот тим.

Во средата наутро околу 4 часот по локално време Антиќ и Сефолоша беа приведени поради попречување увид на полицијата по инцидентот во њујоршки клуб во којшто со нож беа повредени кошаркарот на Индијана Крис Коупленд и неговата сопруга.

Напаѓачот е уапсен, а во инцидентот е ранета уште една жена која била со напаѓачот. Повредените се во стабилна здравствена состојба.

Според полицијата, Сефолоша го попречувал работењето на полицајците, го нарушувал јавниот ред и мир, и се противел на приведувањето и вербално нападнал полицаец.

Антиќ, пак,  е обвинет дека го попречувал работењето на полицајците и го нарушувал јавниот ред и мир. Како што наведуваат од полицијата, додека Сефолоша го апселе, Антиќ зграпчил за рамо еден од полицајците. Според полицискиот извештај, полицајците шест пати го предупредиле тандемот од Атланта да го напушти местото каде се вршел увид, што било одбиено и обајцата се поместиле само неколку чекори.

„Кога се обидов да му ставам лисици, Сефолоша се противеше. Антиќ тогаш фати еден полицаец за рамо спречувајќи го во апсењето“, се вели во извештајот.

 „Моите клиенти не сторија никакво злосторство и не требаше да бидат уапсени. Очекуваме  целосно отфрлање на случајот“, изјави адвокатот на двајцата играчи, Алекс Спиро, од „Brafman & Associates“ и додаде дека тие биле пуштени на слобода без кауција.

Двајцата кошаркари на на 16 јуни ќе треба повторно да се појават на суд. 

>> НБА Перо: Ѕвездиниот „делија“, момче Македонче