/ Прочитано:

2.204

АПЕЛАЦИЈА: Делумно прифатена жалбата за притворот на Сеад Кочан. ДОДЕВСКИ: Подготвени сме за правна битка и пред меѓународните судови

Апелациониот суд Скопје известува дека по одржаната јавна седница на ден 15.03.2017 година, Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје донесе решение со кое жалбата на осомничениот Сеад Кочан е делумно уважена.

„Решението на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 – Скопје со кое против осомничениот е определена мерка притвор е потврдено по однос на околноста опасност од бегство согласно член 165 ст.1 т.1 од ЗКП.  Истовремено Советот одлучи дека останатите причини од член 165 ст.1 т.2 и 3 од ЗКП, поради кои била определена мерка притвор не се исполнети“, се вели во  соопштението на Апелациониот суд.

Во врска со решението на Апелациониот суд во Скопје, адвокатот на Сеад Кочан, Никола Додевски вели дека одбраната докажала дека од вкупно три основи за притвор Советот ги определил незаконски. Адвокатот Никола Додевски најавува правна битка пред  домашните и меѓународните судови преку која ќе се докаже дека решението за притвор е незаконито и во останатиот дел.

„Одбраната докажа дека две од вкупно три основи за притвор Советот ги определил незаконски, значи две третини од решението е незаконско. Подготвени сме за правна битка пред домашните и меѓународните судови да докажеме дека решението за притвор е незаконито и во останатиот дел. По добивањето на решението ќе објавиме подетални чекори на одбраната. Угледот на сопственикот на  ТВ Нова ќе биде заштитен“.

На 9 март Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, одреди притвор и издаде потерница за приведување на Сеад Кочан. Одредувањето на мерката притвор за Сеад Кочан следеше по  поднесената жалба на СЈО, која ја поднесе на одлуката на судијката на претходната постапка, која првиот пат го одби барањето за притвор.

Во предметот „Труст“ осомничени се три физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ од Студеничани за учество на тендер на Електрани на Македонија.

М.В