/ Прочитано:

1.126

АПЕЛАЦИЈА ГИ ПРЕИНАЧИ КАЗНИТЕ ЗА „ЛИКВИДАЦИЈА“: Две години затвор за Кежаровски

Четврток, 15 јануари 2015 – Наместо четири и пол, две години  затвор за новинарот Томислав Кежаровски, одлучи Апелациониот суд Скопје. Второстепениот суд, казната ја преиначи за уште неколку обвинет во случајот „Ликвидација“, а ги  уважи жалбите на велешкиот судија Иле Танев и на Сабедин Џими Хофман за кривичното дело Примање поткуп од член 357 од КЗ,  така што предметот го врати на повторно постапување и одлучување само во овој дел.

„Апелациониот суд Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска 15.01.2014 ја достави пресудата со КОКЖ 22/14 донесена по одржаната јавна седница на 21.11.2014 година за предметот на Кривичниот суд со КОК 51/13 во јавноста познат како „Ликвидација“ со која генерално ја потврди првостепената пресуда, со тоа што е преиначени во делот за следните обвинети:

На обвинетиот Иле Танев му утврдил единствена казна затвор во траење од 1 години и 6 месеци затвор.

Обвинетиот Валентин Зафиров му утврди казна во траење од 2 години и 6 месеци затвор.

Обвинетиот Томислав Кежаровски му утврди единствена казnа во траење од 2 години затвор.

Обвинетиот Ивица Ефремов му утврди единствена казна во траење од 3 години затвор.

Обвинетиот Борис Николовски му утврди алтернативна мерка Условна казна од 1 година затвор која нема да се изврши доколку истиот во следните 3 години не стори ново кривично дело

Обвинетиот Сашо Лазаревски му утврди алтернативна мерка Условна казна од 1 година затвор која нема да се изврши доколку истиот во следните 3 години не стори ново кривично дело“, соопшти Основниот суд Скопје 1.

Осудените во „Ликвидација“, меѓу кои новинар, адвокат, судии, обвинител, беа уапсени на 28 мај 2013 година, додека судскиот процес стартуваше на 9 август. По три месеци судење, Кривичниот суд ги прогласи сите осуммина обвинети за виновни и им одреди затворски казни кои се движат во распон од една до пет и пол години. Со првостепената пресуда највисоки казни им беа изречени на истражниот судија Валентин Зафиров – пет и пол години за неовластено оддавање информации за сведоците и за противправно посредување и на новинарот Томислав Кежаровски – четири и пол години затвор, кој, пак, според пресудата, во 2008 година во два последователни броеви на ревијата „Репортер 92“ го оддал идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ . 

>> Поопширно за предметот „Ликвидација“ информирајте се тука.

 Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk