/ Прочитано:

908

Апелација ја потврди тригодишната затворска казна за Вранишковски

Четврток, 17 јули 2014 – Апелациониот суд Скопје ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1 за Јован Вранишковски и останатите 18 обвинети во „Расколник“. Советот на второстепениот суд ја отфрлил жалбата на одбраната како неоснована и со ова станува правосилна тригодишната затворска казна што ја доби Вранишковски за кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“, како и условните казни за другите обвинети, меѓу кои неговите мајка, сестра и приврзаници, за истото дело.

„Второстепениот суд утврдил дека Основниот суд Скопје 1 – Скопје, правилно и целосно ја утврдил фактичката состојба. Согласно Член 97, Член 98 и Член 100 од Кривичниот законик, од Здружението за унапредување на граѓанските и верски слободи Анастасија с. Нижеполе, Битола се конфискува во корист на оштетената Македонска православна Црква, непосредна и посредна имотна корист прибавена со кривичното дело што се состои во пари во износ од 4.940.400,00 денари. Исто така согласно погоре цитираните членови од обвинетиот И.П. се конфискува во корист на оштетената Македонска православна Црква имотна корист прибавена со кривичното дело во вредност од 8.595.571,00 денари што се состои во недвижен имот – земјиште“, информираат од Основниот Суд Скопје 1.

Јован Вранишковски моментно издржува две и пол годишна затворска казна за злоупотреба на 250 илјади евра црковни пари. Овие пари, според обвинението во случајот „Расколник“, обвинетите се обиделе преку граѓанското здружение „Анастасија“ да ги пуштат во промет и со нив да купат недвижен имот.

Е. П.