/ Прочитано:

1.376

Апелациониот суд за жалбите по предметите „Тендери“ и „Титаник“

Апелациониот суд во Скопје објави соопштение во врска со жалбите за предметот „Тендери“ на СЈО, во кој првоосомничена е поранешната министерка за култура. Апелациониот суд ги објави и одлуките по жалбите за мерките за претпазливост изречени од Кривичниот суд за обвинетите во предметот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности.

„Апелациониот суд Скопје по одржаните јавни седници на ден 24.7.2017 година донесе одлуки со кои ги одби како неосновани жалбите на обвинетите, како и жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите Скопје, за определување мерка за обезбедување присуство во текот на постапката -притвор, со што спрема обвинетата Е.К.М. и обвинетата Л.Л.Ц. ги потврди првостепените решенија со кои се определени мерки на претпазливост: обврска за обвинетите да се јавуваат во судот и привремено одземање патна исправа и забрана за издавање нова патна исправа. Истовремено, ја одби како неоснована жалбата на обвинетата Ј.У. и го потврди првостепеното решение со кое спрема обвинетата се определени мерки на претпазливост: обврска за обвинетата да се јавува во судот и привремено одземање патна исправа и забрана за издавање нова патна исправа“, се вели во соопштението на Апелациониот суд Скопје.

Апелациониот суд во Скопје на својата веб-страница ги објави и одлуките по жалбите за мерките за претпазливост изречени од Кривичниот суд за обвинетите во предметот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности.

Сите жалби на СЈО и на обвинетите се одбиени како неосновани. За обвинетите во случајот „Титаник“, меѓу кои поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како и поранешните министри за транспорт и врски Миле Јанакиески и за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот шеф на премиерскиот кабинет Мартин Протоѓер и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, СЈО бараше притвор како мерка за обезбедување присуство и за да се оневозможи да влијаат врз сведоци или врз други обвинети. Обвинетите, пак, на јавните седници во Апелациониот суд се изјаснија дека не се виновни, оти немаат намера да бегаат и побараа укинување на мерките за претпазливост.

Одбивањето на жалбите од страна на Апелациониот суд значи дека обвинетите во „Титаник“ остануваат на слобода, но им се одземени пасошите и останува обврската редовно да се јавуваат во судот. Апелациониот суд досега ги одби сите поднесени жалби на решенијата на Кривичниот суд во врска со предметите на СЈО.

М.В