/ Прочитано:

1.865

Бактеријата салмонела е причина за труењето во Драчево

Понеделник, 1 септември 2014 – Салмонела е причината за труењето од сендвичарницата во Драчево, потврдија денеска од Инфективната клинка во Скопје. Хоспитализираните пациенти се во стабилна состојба, а нови не се примени. 

„Времето на инкубација и сите лабораториско-клинички параметри покажаа дека се работи за салмонела, Бактериската инфекција ја нема кај сите пациенти бидејќи сите не дошле во исто време и од нив не е пратен материјал за испитување во исто време“ , изјави проф. д-р Снежана Стојковска од Инфективната клиника.

Според неа,овој случај веќе треба да се смета за затворен. Нови болни не се очекуваат, но сите пациенти со салмонелозна инфекција, и хоспитализираните и останатите, вкупно 39,ќе бидат следени во наредните три до шест месеци за да се спречи евентуално натамошно ширење на болеста со оглед дека меѓу заразените има дечиња од сите возрасти и возрасни вработени, јави МИА.

„Кога ќе се постигне клиничка санација, како во случајов, не значи дека е постигната и бактериолошка санација“, објасни Стојковска.

Салмонелата е класична зооноза, бактерија што живее во животните. Поради тоа, за луѓето најризична е хранатаод животниско потекло, месо, млеко и нивни преработки, слатки, сладолед, мајонез, кечап,…

„Не би требало да се јадат овие продукти непорверени, не чувани на соодветна температура“, порача професорката.

Од вторникот до завчера 39 пациенти се обратиле до Клиниката за инфективни болести. Од нив 12 се хоспитализирани меѓу кои и 29-годишна трудница. Сите, како што потврдиле, јаделе иста храна. Дел од нив ќе бидат пуштени дома. Сендвичарницата доби забрана за работа од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.