/ Прочитано:

1.679

БИЗНИС И ЧОВЕКОВИ ПРАВА: Деловните претпријатија имаат општествена одговорност да ги унапредуваат човековите права

На 12 мај 2014 година се одржа Конференцијата „Бизнис и Човекови права“ во просториите на Универзитетот Американ Колеџ – Скопје, а во организација на Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум“. Целта на настанот беше да се поттикне дебата за врската помеѓу областите бизнис и Човекови права, која е жешка тема на дискусија помеѓу академиците, практичарите и другите засегнати стејкхолдери во светот, најмногу поради тековните процеси на глобализација и експанзија на транс-националните компании.

Напуштајќи го традиционалното гледање на државата како единствен актер со одговорности во врска со Човековите права на меѓународно ниво, во меѓународното право и во глобалните дебати веќе се говори и за не-државни актери кои имаат права и обврски во врска со почитувањето, заштитата и унапредувањето на Човековите права. Помеѓу другите, ваков не-државен актер се и деловните претпријатија, без разика на големина (мали, средни, итн) или на дејност на делување.

Согласно меѓународното право за човековите права, секоја држава засебно е главен носител на обврските, а сите држави заедно се чувари на меѓународниот систем за заштита на човековите права. Кога државите ги поседуваат или контролираат деловните претпријатија , тогаш тие имаат најголеми можности во рамки на своите овластувања да обезбедат спроведување на релевантната политика, законодавството и прописите врзани за почитувањето на човековите права.

Со цел фаќање на приклучок кон глобалните текови, ЦРИС Студиорум направи напор да ја приближи дебатата за бизнисот и Човековите права во Македонија, преку организација на овој настан каде беа поканети стејколдерите кои досегашната пракса покажала дека треба, но се уште не се, водечки во оваа област на национално ниво.

Дискусиите на настанот покажаа дека во Македонија, главни актери кои притискаат за унапредување на стандардите во деловното работење а во врска со Човековите права, се токму деловните претпријатија и професионалните здруженија, а поддржани и потпомогнати од граѓанските организации кои работат на и промовираат општествена одговорност.

Како особено значаен актер се истакнува НВО Конект, чија мисија е поттикнување и промовирање на приватното донирање и општествената одговорност насочено кон ефективен и долгорочен развој на Македонија, и дава поддршка во градењето на суштински и продуктивни меѓусекторски партнерства помеѓу претпријатијата и непрофитните организации, јавните институции и заедниците.

Настанот беше отворен со главното предавање кое го одржа професорот Шелдон Лидер од Универзитетот во Есекс, Велика Британија, каде ги предава предметите бизнис и човекови права; човекови права, меѓународна трговија и инвестиции; философија на човекови права; правосудство; корпорации (Велика Британија, САД, ЕУ); и трудово право (Велика Британија, компаративно и меѓународно).

Проф. Лидер ги презентираше најважните академски дебати во врска со основите на бизнисот и Човековите права, а ги потркрепи и со примери од случаите на кои работел во рамки на Проектот за бизнис и Човекови права кој тој го води на Универзитетот во Есекс, од кои еден од поголемите е случајот за барање одговорност од меѓународните нафтени компании кои работат во делтата на Нигер, меѓу кои и гигнатот Шел, и неговите седишта во Европа и во САД. Тој говореше и за обврските кои гравитираат некаде помеѓу штетата и користа на компаниите, појаснувајќи како се поместуваат центрите на моќ кога се следи оваа оска на одговорност.

Проф.Шелдон нагласи дека еден од стожерните принципи во оваа област, како и за Човековите права општо, е принципот на не-дискриминација, без разлика дали тој треба се аплицира во врска со полот, родот, етничката припадност, расата, возраста, итн.

По ова, следуваше панел за искуствата со работа во оваа област на нивните матични институции. Силва Пешиќ, советничка за Човекови права во ООН во Македонија говореше за активностите и работата на ООН во оваа област во светот, но и во Македонија. Таа ги истакна напорите што мрежата на Глобалниот договор во Македонија ги направила до сега за промовирање на принципите и стандардите врзани за бизнисот и Човековите права во Македонија.

По неа говореше Светлана Гелева, помошник-директорка за мултилатерала во Министерството за надворешни работи. Покрај тоа што даде преглед на стандардите за заштита на човековите права и воспоставување правен лек во оваа област за државата, Светлана ги сподели и незјините искуства од нејзиното учество во дебатите на оваа тема на меѓународно ниво (во Советот за Човекови права на ООН, во Советот на Министри при Советот на Европа, итн).

Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект и контакт лице за Глобалниот договор во Македонија, беше третата панелистка. Никица сподели еден дел од нејзиното богато повеќегодишно искуство на работа на промовирање и поттикнување на општествената одговорност во Македонија, но и активностите кои Конект, како седиште на секретаријатот на Глобалниот договор во Македонија, ги има спроведено до сега за промовира на стандардите за почитување на човековите права во деловното работење.

Како главни заклучоци од овој настан се издвојуваат потребата од понатамошно приближување на меѓународните стандарди до сите стејкхолдери во оваа област, како и потребата од зајакнување на соработката на НВО со деловните претпријатија, со крајна цел – заканување на стандардите и праксата за деловно работење кое ќе ги почитува, заштитува и промовира човековите права, и кое ќе промовира должна почит кон Човековите права.

На настанот беше промовиран и преводот на македонски јазик на Насочувачките принципи за бизнис и Човекови права на ООН, кој е еден од ретките преводи на светот на овој централен и најважен документ за оваа област. Насочувачките принципи се усвоени со резолуција во 2011 година. Тие не се правно-обврзувачки документ, но се сепак најважниот документ за сите кои работат или треба да работат во оваа област.

 


Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk

Објавено: 14.05.2014