/ Прочитано:

1.220

Болоњскиот процес го реформираше високото образование во едно големо разочарување

Четврток, 15 мај 2014 – Образованието во Македонија долго време не може да излезе од еден циклус во кој се воведуваат реформи, кои се кабинетски осмислени, но во пракса разочаруваат. Уште полошо е што постојано се случува додека една реформа не е завршена, да почне нова, што не е в ред, вели проф.д-р Илија Ацевски од Катедрата за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје.

 Тој на научната конференција „Реформите во воспитно-образовниот систем во Република Македонија“, која денеска ја организираше Институтот за педагогија при  Филозофскиот факултет во пресрет на 24 Мај – Денот на просветителите Кирил и Методиј и патронатот на Скопскиот универзитет, рече дека проблемите со македонското образование се провлекуваат уште од 1990-те години, кога образованието не ја нашло својата позиција во системот и постојано се почнуваат и прекинуваат реформи.

„Влезени сме во еден циклус кој трае долго време – преклопување на програми – ќе почнеме со една и треба веднаш друга да применуваме. Тоа создава една забуна и практично не ги знаеме искуствата на онаа програма што сме ја донеле. И тука е целиот проблем, зашто ефектите ќе се видат ако една програма се истера докрај. Тоа се случува особено со високото образование. Најголем дел од реформите се некако лабораториски, кабинетски. Тие тргнуваат од добри намери но кога ќе ги спуштите на ниво на реализација, се добива нешто во кое бргу  се разочарувате. Треба во некој проблем да се издржи и докрај да се види негативната страна. Овде правиме нешто, гледаме некоја реакција, веднаш го менуваме и правиме нешто уште полошо“, вели Ацевски.

Велимир Стојковски, ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ вели дека Болоњскиот процес покажал недостатоци.

„Ова не е едноставно, од аспект на тоа што Болоњскиот систем на студирање во високото образование ги покажа своите предности и недостатоци. А кога зборуваме за него, мора да бидеме искрени дека за голем дел од промените кои не се покажаа позитивни, виновни сме и самите ние, вулгаризирајќи ги болоњските реформи и сфаќајќи ги и прифаќајќи ги премногу ограничено и според сопствените убедувања и перцепции на оваа европска реформа“ смета ректорот на УКИМ.