/ Прочитано:

1.306

БОРЕЦ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА, ЗАТВОРЕНИК НА ВЛАСТИТЕ: Адвокатот Интигам Алијев добитник на наградата за човекови права на CCBE

Интигам Алијев, азербејџански адвокат и борец за човекови права, е добитник на наградата за човекови права за 2015 година, која ја доделува Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа.

akad 2

Адвокатот Интигам Алијев, жесток поборник за човековите права, целата своја професионална кариера ја посвети на заштитата на правата на граѓаните,  фокусирајќи се особено на прашањата поврзани со демократските вредности и развојот на демократијата, промоцијата и заштитата на  човековите права,  борбата против корупцијата, судските реформи и владеењето на правото.

Низ практикувањето на адвокатурата, Алијев застапуваше стотици случаи пред Европскиот суд за човековите права, каде што успешно доби голем број случаи кои се однесуваат на избирачките права, на слободата на говор, на правото на сопственост и на правото на фер судење.

Посветениот азербејџански адвокат е познат и по неговиот  општествен активизам и вклученост во работата на невладиниот сектор, каде што даде извонреден  придонес во помагањето на маргинализираните групи и на поединци.

Тој истовремено е и познат едукатор, автор и правен експерт ангажиран во повеќе релевантни меѓународни организации, како што се: Советот на Европа, ОБСЕ, Американската адвокатска асоцијација, Иницијативата за владеењето на правото и многу други.

akad 7

Во јуни 2014 година Алијев, во своето обраќање пред парламентарното собрание на Советот на Европа, ги критикуваше азербејџанските власти поради кршења на човековите права. Веќе следната година тој беше уапсен од властите и беше осуден на седум и пол години затвор и три години забрана за вршење на професијата.

Алијев, кој се соочи со рестрикции на приватната кореспонденција и со следење на контактите со неговите адвокати, беше прогласен за виновен по обвиненијата за проневера, злосторничко здружување, даночно затајување, злоупотреба на службената положба и фалсификување документи.

И покрај меѓународните напори за негово ослободување, Алијев е сè уште во притвор. Неговите деца во негово име, велат од Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа, ја примија наградата за човекови права.

akad 4

Советот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа е составен од над еден милион адвокати од 32 земји во Европа. Во Советот членува и Република Македонија. Наградата за човекови права е воведена од 2007 година и оттогаш се доделува секоја година на адвокат или на организација кои со почитување на највисоките професионални вредности и со личното однесување во областа на човековите права придонеле за угледот и честа на правната професија.

Адвокатот, кој верно им служи на интересите на својот клиент и кој ги штити неговите права, истовремено ја извршува функцијата и на адвокат во општеството – а таа е: да пресретнува и да превенира конфликти, да се грижи конфликтите да се решаваат во согласност со прифатените начела на граѓанското, јавното и кривичното право и со должно почитување на правата и интересите да го унапредува развивањето на законите и да ги брани слободата, правдата и владеењето на правото”, се вели во Повелбата за основните начела на европската правна професија донесена од Советот на адвокатските комори и правни здруженија на Европа.

ПОВЕЛБА И НАЧЕЛА ЗА ЕВРОПСКИТЕ АДВОКАТИ

М.В