/ Прочитано:

2.297

Бремените жени и хронично болните лица да бидат ослободени од работните обврски, препорачуваат институциите

Министерство за здравство и Центарот за управување со кризи препорачуваат денеска и утре бремените жени и хронично болните лица над 60-годишна возраст да не доаѓаат на работа, односно да се ослободат од работни обврски со цел заштита на нивното здравје.

akad 7

Препораката е со цел да се заштити здравјето на овие категории лица и работници. Препораките за ослободување од работни обврски на бремените жени и на хронично болните лица над 60-годишна возраст важат за целата територија на РМ. Исто така, надлежните институции – Министерството за здравство, Комисијата за превенција од студени бранови и Центарот за управување со кризи, препорачуваат работниците што работат на отворено да внимаваат и работните обврски да ги практикуваат од 10:00 до 16:00 часот, со повремени паузи на секои два часа по половина час во топла просторија и со топли напивки сè со цел заштита на нивното здравје.

Од институциите нагласуваат дека граѓаните треба да внимаваат на лизгавоста на улиците бидејќи постои опасност од паѓање и скршеници. Инаку, во Законот за јавна чистота се пропишува дека општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје се должни да го исчистат снегот од јавните површини најдоцна во рок од 6 часа од почетокот на снежните врнежи.

Во прописите на локалната самоуправа се вели дека за чистење на снегот од тротоарите пред станбените објекти, за посипување на тротоарите со соодветен материјал во случај на голомразица, за чистењето на снегот од сопствените дворови, како и за чистење на снегот од покривите, ако тоа претставува опасност за минувачите или за самиот објект, се грижат сопствениците, односно закупците на објектите.

Доколку дојде до повреда на граѓанин поради неисчистен снег, истакнуваат адвокатите, општината или пак правното лице имаат пасивна легитимација и можат да бидат тужени бидејќи според Законот за јавна чистота тие се задолжени да го исчистат снегот. Но, додаваат адвокатите, тоа зависи од местото на случувањето на настанот, односно дали е просторот за чистење на снегот во надлежност на општината или пак на правното лице.

Она што е важно да се знае во ваква ситуација, истакнуваат адвокатите, е дека за една ваква постапка битно е да се обезбеди полициска службена белешка и медицинска документација, а пожелно е да има и очевидци на настанот.

M.В