/ Прочитано:

1.695

ЧЕТВРТА ПРЕСУДА ЗА „ОРЕШЕ“: Овојпат 13 години затвор за Петровски, по 10 за браќата Георгиевски

Петок, 20 февруари 2015 – Тринаесет години затвор за Ѓоре Петровски, по 10 години за браќата Ордан и Љупчо Георгиевски за убиството на Лазо Милошевски (71) од селото Ореше. Ова е исходот од четвртиот судски процес за предметот „Ореше“. Претходната пресуда која беше укината од Апелациониот суд Скопје, беше ослободителна, откако заштитениот сведок Златко Арсовски го откри својот идентитет и тврдеше дека изјавите ги давал под присила.

Судот го прифати обвинението дека Петровски го нарачал и платил убиството на Лазо Милошевски, со кого бил скаран години наназад, а Љупчо и Ордан го убиле старецот во неговата куќа во Ореше.

Одбраната најави жалба пред Апелациониот суд и за оваа пресуда. Според бранителот Ѕвонко Давидовиќ, очекувано било обвинетите да добијат осудителна пресуда, со оглед на тоа, како што рече, што се случувало со овој предмет од кој произлезе и предметот „Ликвидација“, а со кој правосилно се осудени велешкиот  судија кој претходно го водеше „Ореше“, истражниот судија, новинарот Томислав Кежаровски, врховен судија и адвокат.

„Ова е срамна пресуда, судството покажува дека е паднато на ниски гранки. Казната за платено убиство за да лишите од живот друг човек е доживотен затвор, не може да е 10 години. Откако судијата донесе ослободителна пресуда по двете претходно изречени затворски казни за истиот предмет, беше осуден. Сега пак имаме осудителна пресуда. Ваква алиби пресуда значи дека судите се плашат. Нема доказ дека браќата пукале, ја нема пушката, земената парафинска ракавица не покажува дека кај нив има нитратни честички. Одземените обувки не се совпаѓаат со најдените отисоци на местото од каде што е пукано“,  рече Давидовиќ.

Според застапникот на обвинението, јавната обвинителка Славица Темелковски, постојат материјални докази, кои посредно докажуваат дека обвинетите се сторители.

„Факт е дека вечерта Љупчо и Ордан биле во Ореше, кај себе имале огнено оружје. Факт е дека и Љупчо испукал следниот ден на лов два куршуми без причина. Прашање е зошто кога браќата оставале парична донација, испратена од Ѓоре од САД, наменета за локалната црква, барале да има секогаш некој од црковниот одбор. Заштитениот сведок Бреза, кој потоа стана обичен сведок Златко Арсовски, ги менува изјавите што е дел од конструкцијата на одбраната. Вештите лица објаснуваат дека тој зборува што нему му одговара во моментот“, рече обвинителката Темелковски.

Случајот „Ореше“ веќе со години трае во Судот во Велес. Браќата Георгиевски досега двапати беа осудени на по 12 години затвор, но Апелациониот суд го враќаше предметот на повторно судење. На третото судење, заштитениот сведок Арсовски го откри својот идентитет и тврдеше дека изјавите што претходно ги дал биле лажни, по што сите тројца добија ослободителна пресуда. Апелациониот суд, пак, го врати случајот на ново судење со образложение дека пресудата била неразбирлива и противречна.

Во текот на ова судење, Арсовски кој повторно беше повикан како сведок, тврдеше дека како заштитен сведок под псевдонимот „Бреза“ го зборувал она што му било напишано на хартија.

„Го зборував тоа што ми беше дадено и напишано на хартија. Се извинувам на браќата  Ѓоргиевски на Ѓоре, и се срамам тоа што го говорев толку време. Се’ им намести Вељо, тоа е зет за внука на убиениот, кој ми кажа што треба да зборувам, таа изјава јас ја потпишав. Се’ беше лага што досега зборува. Oва е вистината. Инспектор од ДБК кој беше задолжен за мене, пред секое мое појавување во суд ми ја даваше да ја прочитам, да ја знам напамет и да ја повторувам. Така лагата стана вистина. Ми ветуваа 15 илјади евра, да заминам во странство, сопругата да ја вработат, но ништо од тоа не се случи…“, категоричен беше тој на ова судење.

Во ноември минатата година, Арсовски беше осуден на шест месеци затвор за лажно сведочење.

 Убиството на Лазо Милошевски се случи на 2 декември 2005 година.

Обвинетите, правосилноста на пресудата ќе ја дочекаат на слобода бидејќи во меѓувреме одлежаа две години во притвор.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk