/ Прочитано:

2.038

Да се почитуваше жената колку што цвеќе и се подарува на Осми март – правата на жената во земјава ќе процветаа

Семејното насилство во земјава и на глобално ниво е во пораст. Според податоците на Министерството за внатрешни работи во земјава регистрирани се 147 случаи на домашно насилство врз жени во 2013 година, што е за 33,6 отсто повеќе од претходната година. И во рамки на Европската Унија секоја трета жена била жртва на телесно или сексуално насилство, како што се соопштува од  Агенцијата за основни права на Европската унија (FRA) во Виена. Ваквата зачестеност на случаите на домашно насилство го вклучи алармот во организациите – бранители на правата на жените, од каде апелираат дека неопходна е засилена превентивна социолошко-културолошка и легислативна акција за минимизирање и отстранување на причините и последиците од оваа опасна општествена девијација.

Овие организации важат како најглавни „бастиони“ за заштита на правата на жената, од каде посочуваат дека доколку тие не би постоеле со голема тешкотија би им се помогнало на жртвите, најмногу заради институционалната слабост и несоодветната координација.

Една од организациите во земјава која мошне ревносно е вклучена во процесот за  елиминирање на насилството врз жената и семејното насилство е Македонската асоцијација за движење и интеграција, која и е позната на јавноста по многубројните успешни проекти и посветена работа со жртвите на семејното насилство.

Рацете треперат од возбуда кога гледаш несреќни човечки судбини, но мора да се помага на сите нивоа

Како што велат од организацијата, тие биле сведоци на разни животни судбини, дури имало и моменти кога само нивниот телефон останал единствена помош за жртвите.

Од реални случаи кога буквално рацете ти треперат од нехуманоста што ја гледаш до иницирање на легислативни акции, МАДИ ветува дека до последна искра ќе се борат за поставената кауза.

„Нашите последни активности се фокусирани кон она што се нарекува јакнење на јавната свест за превенцијата од семејно насилство како дел од глобалната акција во 170 земји во светот. Укажуваме  и апелираме да се јакне свеста дека насилството врз жената и семејното насилство не е дел од традицијата и културата и од тие причини да не се прифаќа како некакво „културолошко наследство“ за да се има морално оправдување пред себе и другите. Во моментов тоа е една од нашите приоритетни и актуелни цели како Асоцијација“, вели Наде Качакова, дипломиран правник и претседателка на Македонската асоцијација за движење и интеграција (МАДИ).

Психолошка помош, инклузија во глобални акции, креативни акции, заложби за промена на законодавството и институционалните мерки

Качакова истакнува дека оперативната работа на МАДИ е насочена кон психолошката превенција на жртвите, што е клучна активност во овој процес, за чии потреби како сервис на самите жртви е вклучен психолог кој работи со нив и ги детектира конкретните проблеми кои настанале во структурата на нивната личност и каде всушност треба да се реагира во функција на заштита на нивниот психофизички интегритет.

„Средбите се индивидуални, од психолошки аспект се проценува кои се проблемите и што е во интерес на самата жртва. Досега сме имале десетина жени-жртви на насилство и успесите, на наше, нивно, но и на пошироко задоволство се евидентни. Сепак, напоменувам дека ова е доста сензитивна материја и дека можноста од рецидивност секако постои. За жал, имаме такви примери, но не се откажуваме, процесот на помош на жртвата повторно се повторува се до позитивно финализирање на случајот“, укажува претседателката на МАДИ.

Во рамки на активностите на организацијата постојат четири програми кои со целите се структуирани кон репродуктивното здравје на жената, засилување на економскиот статус, политиката и жената, како и жената и мирот. Исто така, глобалната акција  под покровителство на генералниот секретар на ООН е дел од активностите на МАДИ, но и она што е особено интересно – креирање на креативни акции од чии средства определени жртви на семејно насилство се вклучуваат во едукативниот процес, конкретно во Работничкиот иниверзитет „Кочо Рацин“, за да можат полесно да бидат вклучени во работоспособната конкуретност, а и за да се оствари принципот на ресоцијализација.

Поинаквиот пристап на работа на МАДИ, Билјана Настовска, дипломиран правник и експерт за семејно насилство, вели дека дава позитивни резултати, но дека со самото тоа што показателите укажуваат на порастот на семејното насилство на глобално ниво и републичко ниво треба да се овозможи посериозен координативен систем со државните институции како активни чинители.

„Нашите заложби за легислативна интервенција вродија со плод, па така определбите кои ги истакнавме гледаме дека ќе бидат дел од претстојниот Закон за превенција на насилство. Меѓутоа, ние како организација сме посветени и кон современите текови на феминизмот и движења што значи дека делуваме поекстензивно, но се разбира на домашен план законодавство во моментов е еден од приоритетите“, вели Настовска.

Активни мерки за вработување во функција на економската независност и ресоцијалзиација на жртвите

Во таа насока, таа посочува дека клучни се неколку законодавни подрачја кои се важни за креирање на ефективен систем на правна заштита, а тоа се: координација на активностите за подигнување на јавната свест преку внесување на посебна законска одредба за тоа, економското јакнење жртвите на насилство преку формирање на активни мерки за олеснет пристап до вработување и тоа со создавање на посебни квоти за инклузија во работодавниот спектар, законска интервенција во кривично-правната и граѓанско-правната материја, особено со ефектуирање на засилена функционалност и кооординација на мешани тимови од полицијата, Oбвинителството и центрите за социјална работа.

„Македонија во 2011 ја потпиша Конвенцијата за превенција од насилство врз жената и семејното насилство и овие современи европски практики и начела кои се црпат од Конвенцијата се многу важна основа за функционално законодавство и драго ни е што тие се компатибилни со нашите заложби, а ќе постанат и дел од домицилното законодавство низ специјален закон“, ја посочува суштината на правната димензија, Билјана Настовска, експерт за семејно насилство.

Но, според неа, постојат уште правни модулации кон кои треба да се стреми законодавството. На интеревенциите во Кривичниот законик и отежнителните околности како дел афимартивните мерки за превенција од насилството, исто така треба да им се обрне посебно внимание од кривичноправен аспект, помеѓу кои ги напоменува економското насилство, а и демнењето како нелегално однесување.

Улогата на Акадамијата за судии и јавни обвинители во процесот е од голема корист

„Во тој контекст, позитивно е што и Академијата за судии и јавни обвинители има своја улога во процесот. Имено, Академијата врши редовни обуки и советувања на граѓанските и кривичните судии за криминолошко-психолошките и социлошко-правните аспекти на превенцијата и самата жртва. Профилот на жртвата, истражувањето, испитувањето, улогата на обвинителството во постапката, координацијата со релевантните институции, се само дел на правни институти и процеси кои се анализираат и за кои се врши постојана едукација. Несомнена е значајноста на инволвираноста на државните институции на овој план. Само  засилена едукација и добро едуцирани и координирани институции со невладиниот фатор можат да одговорат на оваа социолошка и криминогена девијација“, потенцира Настовска.

Психолошкиот фактор основен моментум за агресија – детството е родител на личноста и затоа треба да се почитува достоинството на  жената

Од МАДИ акцентираат дека воопшто главен индикатор за семејното насилство е психолошкиот моментум, бидејќи според проценките и податоците дисперзираноста на семејното насилство и насилството врз жената се појавува во средини за кои има показатели дека економскот фактор не е нагласен, како на пример компаративните скандинавски податоци.

„Во македонскиот пример и помеѓу жртвите кои се вбројуваат се наѓаат различни профили на личности од различни професии, како универзитетски професорки, адвокатки, полицајки, архитектки, интелктуалки, што говори дека насилството е навлезено и во сфери, средини и семејства каде било очекувано дека преовладува духот на еманципацијата“, аргументираат од МАДИ.

Според МАДИ, насилството е след на цикличен процес и каузалитет, тоа не е  изолирано и ги „влече“ конците од минатото. Семејството е амбиентот каде се оформува личноста и психолошките сознанија говорат дека дете што било сведок на агресија можно е или да се најде во позиција на насилник или да се најде во позиција на жртва. Оттука, најважно е да се превенира уште во најраната возраст. Детството е родител на личноста и од тие причини треба уште од најмали нозе преку примери да се укажува на рамноправноста на жената и нејзиното достоинство, бидејќи тоа е неопходен начин исправно да се постапува со нејзините права, слободи и личност, како во домот, така и во општеството.


Објавено: 8 март 2014

Автор: Милчо Велјаноски