/ Прочитано:

2.625

ДЕН НА НАРОДНОТО ВОСТАНИЕ: Адвокатите – борци за слобода и народни херои

Република Македонија денеска го одбележува 11 Октомври – Денот на народното востание.

foto akademik

Со народното востание и Народноослободителната војна во Македонија во 1941 година започнува ослободувањето на македонскиот народ  од фашистичката окупација. Датумот 11 октомври, со одлука на федерална Македонија донесена во 1945 година, е прогласен за Ден на востанието на македонскиот народ, кое започнало во Прилеп кога борците од Првиот прилепски партизански одред ,,Гоце Делчев” извршија  напад на бугарскиот полициски участок и на телефонско-телеграфската мрежа. Следниот ден вооружени акции против фашистичкиот окупатор имале и борците од Кумановскиот одред.

Почетокот на народното востание и понатамошната борба против фашизмот се проткаени и со имињата на македонски адвокати и правници – револуционери  чии дела се вградени во изградбата на современата македонската држава, право и адвокатура. Многу адвокати и адвокатски приправници, правници и студенти по право за време на борбата против фашистичката окупација ќе ги положат своите животи за слободна Македонија.

Помеѓу нив се имињата на Васил Антевски-Дрен, адвокат, борец и харизматичен интелектуалец, Рампо Левков-Лефката, адвокат, поет и борец посветен на омасовувањето на вооруженото востание на македонскиот народ, потоа Коле Канински, адвокатски приправник и комесар на одредот „Гоце Делчев“, Јосиф Христовски-Ѕвончарот, адвокатски приправник и организатор на револуционерната борба, Јосиф Јосифовски-Свештарот, адвокатски приправник и партизански командир и многу други.

За народното востание и за борбата против фашистичките сили огромен е придонесот на правникот Кузман Јосифовски-Питу, најзаслужен идеолог и организатор на  антифашистичкото движење, НОБ и АСНОМ. Питу е главниот иницијатор и организатор на свикувањето на Првото заседание на АСНОМ и еден од авторите на асномските државотворни документи. Неговите современици го нарекуваат вториот Гоце Делчев, најголемото име на македонската ослободителна антифашистичка борба и главен архитект на македонската држава. Негова е идејата за формирање Иницијативен одбор и за одржување на Првото заседание на АСНОМ. Исто така, Питу е иницијатор на Манифестот на Главниот штаб на НОБ и ПОМ. За време на подготовките на Првото заседание на АСНОМ, Питу ја поставува структурата на државните органи и на идното конституирање на македонското Собрание како највисок законодавен орган на државата.

Кузман Јосифовски-Питу бил убиен под неразјаснети околности на 25 февруари 1944 година. Според официјалната верзија, Кузман загинал на 25 февруари 1944 година, погоден од куршум на бугарски војник, откако претходно била опколена куќата каде што се одржувал состанок со претставници на Централниот комитет на БКП (Бугарската комунистичка партија). Кузман успеал да се извлече и да побегне, но стигнал само километар подолу од некогашната „Алумина“, каде што бил смртно погоден.

Идеите на Питу за асномска Македонија ги продолжуваат неговите соборци, а адвокатите Петре Пирузе-Мајски и Павел Шатев, пак, даваат исклучителен придонес во етаблирањето на македонската адвокатура во повоена Македонија, заснована врз вредностите на Декларацијата за слободата и граѓанинот, создадена од правникот Владимир Полежиновски.

„Во Втората светска војна македонскиот народ со другите прогресивни слободарски народи се бори и се наоѓа на страната на антифашистичката коалиција. Македонија е окупирана од Царството Бугарија, кое е во сојуз со фашистичка Германија и Италија. Многу адвокати и адвокатски приправници за време на НОВ ќе загинат херојски во оживотворување на идејата за македонска држава. Првите адвокати биле нашите народни херои“, пишува адвокатот Ставре Џиков во својата книга посветена на адвокатурата во Македонија.

М.В