/ Прочитано:

4.771

Денес е крајниот рок за доверување на мандатот за формирање Влада

Откако Иванов ќе го довери мандатот, мандатарот во рок од 20 дена треба да му поднесе програма на Собранието и да го предложи составот на Владата, која треба да биде избрана од страна на Парламентот со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. 

Влада зграда

Претседателот Ѓорге Иванов денеска треба да го довери мандатот на кандидатот на партијата, односно на партиите што освоија најголем број пратенички места на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11 декември.

Парламентот се конституираше на 30 декември, а најмногу пратенички места, 51, освоија ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, потоа  Коалицијата за подобар живот во Македонија предводена од најголемата опозициска партија СДСМ освои 49 мандати, потоа следуваат ДУИ со 10 пратенички места, Беса освои 5, Алијанса на Албанците има 3 пратенички мандати и ДПА – 2. Во овој парламентарен состав нема народни избраници од дијаспората поради недоволен број освоени гласови.

Откако Иванов ќе го довери мандатот, мандатарот во рок од 20 дена треба да му поднесе програма на Собранието и да го предложи составот на Владата, која треба да биде избрана од страна на Парламентот со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. 

Во текот на викендот, односно на 7 јануари, партиите на Албанците – ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците, ја објавија заедничката платформа која ќе биде нивна основа во преговорите за создавање нова влада. Заедничката политичка агенда на трите партии предвидува целосна јазична еднаквост, односно употреба на албанскиот како официјален јазик, потоа економска рамноправност, решавање на спорот за името со вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција, како и брза интеграција во НАТО и во Европската Унија.

А. Б.