/ Прочитано:

876

Денеска пресуда за случајот „КЕРОЗИН“

Среда, 16 април 2014 – Денеска Основниот суд Скопје 1 ќе пресече дали шеснаесетмината обвинети во случајот„Керозин“, организирано во група, преку фирмата „Алма комерц“, точеле помало количество на нафта отколку предвиденото со тендерите кои оваа фирма ги добивала. 

Обвинителството во својот завршен збор образложен на рекордни 250 страни побара од судот да ги прогласи обвинетите за виновни. „Од сите изведени писмени и вербални докази се докажа дека дека обвинетите ги сториле кривичните дела“, истакна обвинителката Деса Пауновска.

За одбраната, пак, обвинението се заснова на претпоставки и паушални заклучоци и не постојат материјални и вербални докази кои ги докажуваат наводите на Обвинителството. Според бранителите, кои побараа ослободителна пресуда во завршните зборови, недозволиво е темелот на предметот да бидат телефонските разговори меѓу обвинетите.

Солзи, но и обвинувања насочени кон единствениот обвинет кој ја призна вината – вака отприлика се одвиваше изнесувањето на завршните зборови на самите обвинети. Семејството Пецови тврдеа дека не се злосторничка група, туку луѓе кои чесно и со многу труд ги изградиле своите фирми. Обвинетите возачите на цистерните наведоа дека работеле по налози на своите претпоставени и дека не сториле никакво кривично дело. Вработените во оштетените институции исто така ги отфрлија наводите во обвинителниот акт. Единствено, 15-обвинетиот, кој го призна дека дозволил да биде испорачано помалку нафта од предвиденото со договорот за јавна набавка и дека за тоа примил поткуп, побара условна казна. 

Судскиот процес за овој случај траеше речиси 9 месеци при што беа испрашани бројни сведоци, како и изведени бројни докази. 

Предметот за акцијата „Керозин“ опфаќа вкупно 16 лица кои се товарат за повеќе кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, фалсификување на исправа, перење на пари и други приноси од казниво дело, даночно затајување, и давање и примање поткуп. Освен Ангел Пецов, неговата сопруга и син, обвинението ги опфаќа и сопствениците на фирмите кои ги помагале наводните финансиски малверзации на „Алма-комерц“, испорачателите на нафтата – возачите на цистерните, но и вработени во оштетените иституции – котлари, домари и сл., кои биле задолжени да вршат прием или контрола на испорачките. Измамата била направена на тој начин што се користеле идентични цистерни на кои им биле заменувани табличките, односно оние со нафтата која требала да биде испорачана се заменувале со други, кои имаат помалку нафта од потребното, се наведува во обвинителниот акт.

Според полицијата, за да го продаде неиспорачаното гориво, „Алма – комерц“ соработувала со фирми од Косово и Бугарија кои им издавале фиктивни фактури за испорака на гориво.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.