/ Прочитано:

1.731

Денови на одбележување 10 години од постоењето на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ денеска започнува со одбележувањето на десетгодишнината од своето основање со одржување серија работни настани.

akad 2

Од Академијата велат дека деновите на одбележување 10 години од постоењето на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“  ќе бидат одбележени преку одржување на 10 дена работни настани, меѓу кои и регионалната конференција „Јакнење на регионалната соработка меѓу институциите за правосудна обука од Западен Балкан“, која ќе се одржи на 24 и 25 ноември во Скопје.

На регионалната конференција ќе присуствуваат директорите на институциите за правосудна обука од Хрватска, Турција, Србија, Црна Гора, Албанија и од Косово, директорите на Европската академијата за јавна администрација (ЕИПА) од Луксембург и Академијата за европско право (ЕРА), генералниот секретар на Европската мрежа за правосудна обука ЕЈТН,  претставници од Советот на Европа, Регионалниот центар за соработка од Хрватска, како и претставници на органите и телата на Академијата за судии и јавни обвинители.

академија

Првиот настан од серијата на работни настани ќе се одржи денес и утре и е посветен на  темата „Граѓанско-правна заштита на правата од интелектуална сопственост“, а  во рамките на твининг-проектот „Зајакнување на спроведување на правата од интелектуална сопственост“ и во соработка со Канцеларијата за патенти и трговски марки од Данска.

На денешниот настан, излагања поврзани со темата ќе имаат Зане Петерсон, судија на Одделот за граѓански случаи на Врховниот суд на Република Латвија, Еирлинг Вестергард,  заменик-јавен обвинител за сериозен економски криминал, назначен како национален експерт во Канцеларијата за хармонизација на внатрешниот пазар во Данска  и Маринела Јакасановска, судија на Основниот суд Скопје 2 Скопје.

akademik foto 1

 Академијата за судии и јавни обвинители, како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, врши континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, како и обука на субјектите кои учествуваат во спроведувањето на законите од областа на правосудството.

Академијата, исто така, врши и аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика. Преку почетната и континуираната обука, велат од Академијата,  се дава придонес во градењето на европски профил на судиите и јавните обвинители, но и на судската и обвинителската администрација, со користење на модерни методи за усовршување на нивните знаења.

akad 2

Целта на основање на Академијата, се пропишува во Законот за Академијата на судии и јавни обвинители, е да се обезбеди професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавнообвинителската функција, како и стручно и ефикасно извршување на работите на стручните служби во судството и јавното обвинителство.

akad 2

Денови на одбележување 10 години од постоењето на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ – 10 работни настани 

М.В