/ Прочитано:

1.829

СУДЕЊЕ – ХАЏИСКИ: „Десет адвокати можат да го бранат, ама божјата рака ќе го стигне“ — мајката на Јошевска

Среда, 18 ноември 2015 – „Не можев да верувам дека повторно ќе му се суди. Не’ стресувате повторно. На мене и на мојата фамилија образот ни е чист, што не можам да кажам за неговата фамилија.  Десет адвокати можат да го бранат, ама божјата рака ќе го стигне. Овој злочинец ја скина лентата на ваквите убиства во Југославија. Во тој момент, освен во Хрватска, никаде немаше вакво грозоморно убиство… Отштетно побарување не барам. Загубата на ќерка ми нема цена“, рече мајката на покојната Мери Јошевска денеска во судница.

Денеска во Основниот суд Скопје 1 продолжи судењето против Миле Хаџиски, обвинет за убиството на Мери Јошевска, која пред 22 години во семејниот дом во скопски Аеродром беше брутално убиена. Иако на минатото рочиште, никој од семејството на Мери не присуствуваше, денеска во судница се појавија нејзината мајка и сестра. Прва пред судот проговори, мајката на Мери, Јелица Јошевска.

„Не можев да верувам дека повторно ќе му се суди. Не’ стресувате повторно. На мене и на мојата фамилија образот ни е чист, што не можам да кажам за неговата фамилија. Десет адвокати можат да го бранат, ама божјата рака ќе го стигне. Овој злочинец ја скина лентата на ваквите убиства во Југославија. Во тој момент, освен во Хрватска, никаде немаше вакво грозоморно убиство. Се’ може да е корумпирано, но кај Господ не поминува корупција. Тој за овие 22 години се слушал со фамилијата, се гледал, што да кажам јас?! Ако имал тронка чувство ќе викнел Брза помош, можеби ќе ми го спаселе детето, а тој уште крадел од неа и прославувал во кафуле. Чудовиште…“, вознемирено рече Јошевска.

„Не сакам никаква отштета. Загубата на ќерка ми нема цена“

Запрашана од судијката дали ќе предјави отшетно побарување, мајката на покојната одговори:

„Не сакам никаква отштета. Загубата на ќерка ми нема цена. Штета да побараме е гнасно нешто. Од таа страна се’ е валкано, нејќам ништо, сакам правда“.

„Мислам дека специјално за него беше донесен законот, за после 3 месеци во притвор да биде пуштен на слобода и да избега. Се пушта ли таков крвник на слобода? Не знам како успеал да побегне, нејќам да мешам партии, полиција…“, додаде таа.

За време на сведочењето на Joшевска, Хаџиски од време на време се прекрстуваше, не погледнувајќи ниту еднаш кон неа.

Сестрата на Мери, Бети Јошевска, истакна дека болката и после толку години е иста, но дека единствено се појавила во судница бидејќи правдата за Мери треба да биде задоволена.

„Празнината во душата е иста. Ода датумот кога мојата сестра не постои меѓу живите, таа празнина никој не може да ми ја надомести. Единствено почувствував дека треба да дојдам во судница бидејќи правдата треба да излезе на виделина. Тоа сакам да го оправдам и пред мојата покојна сестра, дека сме со неа и не сме ја заборавиле сиве овие години“, рече таа.

За разлика од нејзината мајка, таа предјави отшетно побарување, за кое дополнително ќе се произнесе.

„Иако нема цена нејзиниот живот, предјавувам отшетно побарување. За тоа што тој го направил сметам дека ќе го стигне божјата рака. Ако имал малку совест, немаше денеска да има одбрана со тројца адвокати, туку чесно ќе си ја одлежел казната. Наместо тоа тој избега од Македонија со поддршка од своите роднини присутни во оваа судница  и без око да му трепне формирал семејство со нов идентитет. Често се прашувам дали тој се запрашува како би се осетил доколку изгуби некој од нив“, нагласи таа.

Судскиот совет ги одби барањата на одбраната да се сослушаат невропсихијатрите кои во тоа време го изработувале вештачењето за профилот на личноста на Хаџиски, како и неговата ментална состојба во време на убиството од причина што и двајцата во меѓувреме починале. Одбиени беа и барањата за сослушување на вештите лица од МВР и судијката која го составила записникот за увид на лице место. Според одбраната, постојат значителни разлики помеѓу вештачењата и записникот. Обвинителката која се противеше на предлозите на одбраната истакна дека судот и повтореното судење во 1997, што се одвиваше во отсуство на обвинетиот, утврдил дека тој делувал со умисла и бил пресметлив, а тоа, како што рече, се утврдува и од доказите. Со читање на другите искази и докази, на денешното рочиште заврши доказната постапка, а изнесувањето на завршните зборови е закажано за 9 декември.

Хаџиски, на минатото рочиште неколку пати нагласи дека е „најголемиот грешник“ во судската сала, но истовремено тврдеше дека имало пропусти во истрагата и дека никогаш не можел да докаже дека не ја убил Јошевска. За клучните моменти, во интервалот во кој според Обвинителството се случило убиството, тој наведе дека не се сеќава.

Според обвинението, на 18 јуни 1993 година тој на свиреп начин и од користољубие со умисла ја убил Јошевска (21). Наводно дошол во домот на Јошевска во скопски Аеродром околу 10 часот утрото со цел да пијат кафе. Муабетот набргу прераснал во кавга. Потоа, според обвинението, тој најпрвин почнал да ја дави Јошевска,  а потоа со кристален пепелник ја удрил еднаш по десното рамо и двапати по главата. Потоа со кујнски нож, кој го носел со себе и задал десетици убоди во градниот кош. Тој исто така употребил и нож, што го нашол во станот, па продолжил да ја боде. Истрагата утврдила дека секој од 40-те убоди сам по себе не бил смртоносен и дека жртвата очајнички се бранела, но, за жал, не успеала да се одбрани. Таа поради внатрешно и надворешно крвавење, кое настанало како резултат на добиените повреди, починала на самото место. Во обвинението исто така се наведува дека Хаџиски пред да си замине од станот на Јошевска земал златен накит од домот на Јошевска кој истиот ден се обидел да го препродаде на Бит-пазар, но неуспешно. Вечерта излегол со пријатели во кафуле каде бил уапсен.

Една година по убиството, во 1994 година, тогашниот Окружен суд во Скопје го осуди Хаџиски на 15 години затвор, но тој се жалеше на пресудата и поради одредени пропусти во истрагата, предметот беше вратен на повторно судење. Тогашната регулатива не дозволуваше притворот да биде подолг од 90 дена, па Хаџиски беше пуштен да се брани од слобода, но по неколку рочишта,  избега од земјава. Судењето продолжи во негово отсуство по што 1997 година беше осуден на 20 години затвор.

Хаџиски  во меѓувреме поминува петнаесет години во француската Легија на странци каде добил и нов идентитет, неговото ново име е Зоран Томановиќ. Под името Томановиќ ја запознава својата сопруга со која има две деца во Франција. Во 2002 година се здобива со француско државјанство, а пред неколку години го апсат во Швјацарија под сомнение дека е дел од криминалната група „Пинк Пантер“, но успева да побегне од тамошниот затвор и повторно да се врати во Франција каде го апсат и го екстрадираат во Македонија.

>> ХАЏИСКИ: На облеката имав крв, но не се сеќавам дека сум ја убил Мери

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk