/ Прочитано:

590

Десетта обука за примена на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната

Петок, 22 мај 2015 – Денеска и утре, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители Павел Шатев, а во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Република Македонија и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (INL), ќе се одржи десетата обука за примена на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната.    

„Целта на обуката е целосна подготовка на правосудството за примена на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната, поточно да се презентираат новите законски решенија, да се дадат практични објаснувања на позначајните законски одредби, да се истакнат спорните ситуации и да се предложат мислења за нивно решавање, како и да се унапредат практичните знаења и вештини на судиите и јавните обвинители, со крајна цел воедначување на казнената политика.

На обуката сите поважни одредби се разработени со теоретски дел кој е поткрепен со потребни материјали за практичните вежби, кои се објавени на веб страната на Академијата во одделот за работни материјали. Поради интерактивноста на обуката и потребата од реализација на вежби од страна на учесниците на обуката потребно е истите пред обуката да се запознаат со материјалите за вежбите .

Утврдената листа на предавачи за Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната се од редот на работната група која работеше на изработка на текстот на законот, и тоа судии и јавни обвинители“, информираат од Академијата.

На обуката ќе присуствуваат вкупно 32 учесници и  ќе биде спроведена од едукаторскиот тим во чиј состав се: д-р Јован Илиевски, јавен обвинител на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Спасенка Андонова, јавен обвинител во Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Скопје.

 Темите кои ќе бидат опфатени во рамките на Советувањето се следните:

  • Одмерување на казната;
  • Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната;
  • Отежителни околности;
  • Олеснителни околности;
  • Практична примена на прилозите кон Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната;
  • Разгледување на случај и
  • Вежби (Донесување одлука за кривична санкција со образложение на донесената одлука, презентации на образложението на донесената одлука).