/Прочитано:

397

Десеттиот јубилеен семинар „Превенција на криминалот преку казненото право и безбедносните студии“ ќе се одржи во Дубровник

Од 11 до 17 март во Дубровник, Република Хрватска, ќе се одржува семинарот „Превенција на криминалот преку казненото право и безбедносните студии“. Семинарот, кој секоја година се одржува во Дубровник, изминатите години се етаблираше како регионално најзначаен годишен семинар во областа на казненото право.

На овој значаен настан секоја година се собираат еминентни професори по кривично право од регионот и од светот кои, исто така, се и предавачи на семинарот. Помеѓу нив се имињата на Хозе Луис де ла Квеста, поранешен претседател на Меѓународното здружение за казнено право, Хауард Рос Кабот од Универзитетот во Аризона, кој ги застапувал затворениците од Гвантанамо пред американските судови, потоа Ханс-Јерг Албрехт во својство на директор на Институтот Макс Планк за меѓународно казнено право, Серж Брамерц, главен тужител на Меѓународниот казнен трибунал за бивша Југославија, Албин Езер, поранешен судија во овој трибунал.

Основач и главен директор на овој семинар е професорот Давор Деренчиновиќ од Правниот факултет во Загреб и претседател на Академијата за правни науки на Хрватска, поранешен ад хок судија во Европскиот суд за човековите права и потпретседател на ГРЕТА (Групата на експерти за акција против трговијата со луѓе при Советот на Европа).

Проф. д-р Александар Маршавелски, кој исто така учествува како предавач на семинарот и е негов координатор, вели дека со години се залага на семинарот да има и предавачи и учесници од Македонија кои се вклучени во современите меѓународни академски дискусии.

„На пример, во изминатите години помеѓу предавачите на овој семинар беа академикот Владо Камбовски од МАНУ и професорите од Правниот факултет ‘Јустинијан Први’: Гордана Лажетиќ, Гордан Калајџиев и Никола Тупанчески. На овој семинар учествуваа и Елена Мујоска-Трпевска, научна соработничка во МАНУ и соосновач на Здружението за пенологија на Македонија, како и експертот Андреј Божиновски, правен советник во Здружението за кривично право и криминологија и во Здружението на судии на Македонија. Секако, на семинарот учествуваа и бројни студенти на постдипломски и докторски студии, потоа судии, обвинители, адвокати и правни експерти во владиниот и невладиниот сектор“, вели професорот Маршавелски.

Ги повикуваме сите кои се заинтересирани да се пријават, доколку сакаат да учествуваат на семинарот, кој оваа година е јубилеен десетти по ред и ќе се одржи од 11 до 17 март во Дубровник. На семинарот предавачи ќе бидат и професорката Беса Арифи, од Универзитетот на Југоисточна Европа, и д-р Џемали Саити, претседател на Здружението на судии на Македонија и судија во Врховниот суд“, додава Маршавелски, нагласувајќи дека на семинарот предавачи ќе бидат и реномирани имиња од САД, Германија, Италија, Хрватска и други земји.

Воедно, на семинарот ќе се одржи и натпревар во симулирано судење. Сите информации за семинарот се достапни на линкот:  https://www.pravo.unizg.hr/KP/crimeprevention