/ Прочитано:

643

Детските одморалишта во државна сопственост одат на продажба: почетна цена од 50 до 400 илјади евра

Вторник, 5 август 2014 – Шесте детски одморалишта во Свети Николе, Берово, Битола, Стар Дојран и Скопје што досега беа во државна сопственост ќе бидат понудени на продажба.

Според владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, целта на ваквата одлука е интензивирање на туризмот преку збогатување на понудата, но и давање можност повеќе за приватниот бизнис.

Идните сопственици на одморалиштата ќе бидат обврзани, по ревитализирањето и обновувањето на објектите, да работат исклучиво во оваа сфера.

„Во втората половина на овој месец ќе се одржи јавна електронска аукција за отуѓување на имотот, а почетната цена на одморалиштата ќе се движи од 50 илјади до 400 илјади евра. Компаниите во текот на наредните две до три недели можат да размислат и да одлучат околу евентуалните инвестиции“, истакна Ѓорѓиев на денешната прес-конференција.

Според проценките, локациите на одморалиштата кои подолго време се нефункционални нудат одлични услови за водење бизнис. Особено се погодни, како што посочи портпаролот, за развивање планински, алтернативен, езерски или рурален туризам.