/ Прочитано:

977

Девет лица од протестите на 5 мај денеска ќе седнат на обвинителна клупа

Петок, 22 мај 2015 – Денеска во Основниот суд Скопје 1 треба да почне судењето за девет лица, втората најголема група лица, кои беа приведени по насилните протести од 5 мај пред Владата на Република Македонијa.

Обвинетите, од кои едно лице сè уште е недостапно за органите на прогонот, се товарат за делото – учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие.

Седуммина од нив се во притвор, додека едно лице е во куќен притвор.

Активистите за заштита на човекови права повикуваат да бидат ослободени од притвор демонстрантите бидејќи, според нив, нема доволно докази за делото што им се става на товар, а меѓу нив има и двајца студенти од Студентскиот пленум.

Во меѓувреме Кривичниот суд го распредели во работа и предметот за првата група демонстранти. Во таа група за истото кривично дело се товарат четири лица. Три од нив се во притвор, а за едно лице се определени превентивни мерки. Тие ќе седнат на обвинителна клупа на втори јуни. Судењето за последната, третата група, која е составена од пет лица, од кои едно лице сè уште е недостапно, е предвидено да почне на трети јуни.

Протестите беа организирани по објавувањето на т.н. бомба на СДСМ за случајот со убиството на Мартин Нешковски..