/ Прочитано:

1.261

ДИГИТАЛНА ТЕНДЕРСКА ПЛАТФОРМА: Информациите за тековните меѓународни тендери на едно место

Стопанската комора најавува дигитална тендерска платформа како оперативна алатка за реализација на целите на иницијативата за поврзување на претприемачите од малите земји.

akademik foto 1

„Следствено на иницијативата за зголемување на оперативната соработка помеѓу компаниите од малите земји и полесен пробив на што поголеми пазари, планирана е изработка на дигитална платформа како оперативна алатка која ќе има за цел да ги собере на едно место информациите за тековните меѓународни тендери објавени во малите земји“, истакнуваат од Стопанската комора.

Оваа платформа, посочуваат од Стопанската комора, има за цел да задоволи неколку аспекти, меѓу кои најважни се споделувањето на информации меѓу членовите и создавање систем за информирање за јавни тендери во сите земји. Сите субјекти (основачи, членови, амбасадори, стратешки партнери и партнерски корпорации) вклучени во оваа иницијативa ќе имаат привилегиран пристап до деталите поврзани со објавените тендери.

Платформата, велат од Стопанската комора,  ќе биде надградена со форуми и работни групи со цел полесен и непречен проток на информации помеѓу засегнатите субјекти. Бенефициите од оваа платформа можат да се согледаат во изработка на пазарни анализи, вмрежување, контакти и асистенција при посетите реализирани на странските членови во матичната земја; директни контакти и селекција на претприемачите од партнерските земји; директни контакти со партнерските корпорации. Во таа насока, секој член ќе има можност да промовира по еден нечлен во текот на една година.

Дигиталната тендерска платформа, покрај информациите за активните тендери, ќе содржи и други информации во облик на профил на земјата – место каде што ќе можат да се видат детални информации поврзани со определената земја (економски, географски, социјални, идни планови и сл.) со цел секоја земја да стекне првична претстава за отворените можности за соработка.

„Сумирано, дигиталната тендерска платформа првично ќе содржи и информации за тендери, работни групи за асистенција, форуми, комуникација и профил на земјата. Секој субјект ќе има различен степен на привилегии при работата во платформата, во согласност со процедурите на работа на оваа иницијатива“, истакнуваат од Стопанската комора.

M.В