/ Прочитано:

1.143

ДИК: Граѓаните да ги пријават сомнителните случаи од Избирачкиот список во Комисијата

Граѓанската контрола на Избирачкиот список е составен дел од проверката на Избирачкиот список, а податоците од граѓаните се од суштинско значење за ажурирање на Избирачкиот список. Граѓаните имаат право да ги пријавуваат сомнителните случаи и да поднесуваат барања за запишување, дополнување и бришење на податоци од Избирачкиот список, со приложување на соодветна документација.

DIK

Државната изборна комисијата им овозможува на сите граѓани до подрачните одделенија и канцеларии на ДИК и преку апликацијата објавена на веб-страната на Комисијата да пријават сомнителни податоци во Избирачкиот список, кои по службена должност ќе бидат проверени во службените евиденции на надлежните институции, се наведува во соопштението на Комисијата кое е прво по пуштањето во употреба на веб-страната за проверка на Избирачкиот список.

„Врз основа на спроведените постапки и донесените акти од страна на надлежните институции, Државната изборна комисија во најкраток можен рок ќе изврши запишување, дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список во согласност со усвоениот Правилник за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список“, велат од таму.

Граѓанската контрола на Избирачкиот список е составен дел од проверката на Избирачкиот список, а податоците од граѓаните се од суштинско значење за ажурирање на Избирачкиот список. Граѓаните имаат право да ги пријавуваат сомнителните случаи и да поднесуваат барања за запишување, дополнување и бришење на податоци од Избирачкиот список, со приложување на соодветна документација, велат од ДИК.

Избирачкиот список кој е објавен на апликацијата на веб-страната на ДИК е резултат на методолошки обработените податоци добиени од службените евиденции на МВР, Управата за водење на матични книги и Основните судови, за државјаните на Република Македонија кои ги исполнуваат законските услови да се стекнат со избирачко право заклучно со 01.12.2015 година. Од ДИК потенцираат дека податоците за адресите на граѓаните во Избирачкиот список се запишани како што се водат во евиденцијата за живеалиште на МВР.

„Секој граѓанин има право да поднесе барање до Државната изборна комисија  да не биде објавена неговата адреса од безбедносни причини. Барањата граѓаните може да ги поднесат до Државната изборна комисија на spadresi@sec.mk или до подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија и по истите се постапува веднаш“, велат од ДИК.