/ Прочитано:

1.421

Долготрајните постапки за поврат на средства од здравственото осигурување низ адвокатската пракса

Од адвокатски аспект, најголемиот предизвик за постапките поврзани со проблематиката на предмети поврзани со поврат на средства од здравственото осигурување е нивната долготрајност. Ваквите состојби во контекст на овие постапки можат да се надминат само и исклучиво со доследно почитување на законските одредби кои ја регулираат правната материја, вели адвокатот Владимир Кацарски, повикувајќи се на адвокатската пракса во врска со овие предмети.

???

„Постапките сами по себе не се тешки, но бараат голем напор и концентрација. Најголемиот предизвик во овие постапки е нивната долготрајност. Од самото поднесување на барањето за поврат на средства, па до одлуката на Управниот суд на РМ, изминуваат околу година и пол до две години. Во овој период се носи првостепеното решение од подрачната служба на ФЗОМ за соодветниот град, потоа следува жалба, за чие решавање неретко се чека и повеќе од два месеци. Дури по добивањето на второстепеното решение од Министерството за здравство на РМ, ние во име на нашите клиенти можеме да поднесеме тужба до Управниот суд на РМ. Во најголем број случаи пресудите од Управниот суд се позитивни. Неретко се случува да поднесуваме и тужби за молк на администрацијата. Целата оваа процедура, која ви ја презентирав и која е навистина долга, во својата суштина ги нарушува правата на осигурениците. Да биде проблемот уште поголем, многу често се случува нашите клиенти да бидат ставени во т.н. правен лавиринт. Тоа е состојба во која второстепениот управен орган носи одлука во определениот рок од два месеци, која е негативна, па има потреба од поднесување нова тужба до Управниот суд за потврдување на веќе донесената позитивна пресуда и така во недоглед“, вели адвокатот Владимир Кацарски, кој работи заедно со адвокатот Никола Чокревски на проблематиката на предмети поврзани со поврат на средства од здравственото осигурување.

Во адвокатската пракса, вели Кацарски, примери за вакви постапки има многу. Тој ги издвојува примерите со пациентка од Струмица која во 2012 година се обратила за правна помош поради тоа што била на операција на внатрешните органи во Клиничкиот центар во Скопје, по која почнала да има проблеми со бубрезите.

„Пациентката дошла дотаму што морала да биде спасувана од труење преку итна интервенција во странство – Р Грција. Одејќи на гости кај нејзина пријателка во Грција, при престој таму, пациентката претрпува силен напад на бубрезите, при што морала итно да замине во болница. Во државната болница во Солун веднаш била подложена на соодветен медицински третман, при што лекарскиот тим веднаш пристапил кон најбрзата метода за одведување на урината од организмот. Понатамошното лекување за пациентката продолжува во наредните месеци и години, на нејзин трошок, во приватна клиника, специјализирана за ваков тип интервенции“, вели Кацарски.

Кацарски нагласува дека оваа пациента од Струмица не е во можност да ги оствари своите права врз основа на поврат на средствата од здравствено осигурување. Оваа постапка, вели Кацарски, предвидена во Законот за здравствено осигурување, предвидува можност за сите оние пациенти – осигуреници на ФЗОМ во вакви и слични ситуации да можат да си вратат барем дел од средствата кои ги имаат потрошено на своето лекување.

„Заглавена во бирократските лавиринти, со мериторна одлука на Управниот суд на РМ, сè уште не може да ја врати астрономската сума која ја има потрошено на своето лекување. Исто така, и за второто барање до ФЗОМ за потребното дополнително лекување во приватна клиника во Солун – Република Грција, не е во можност да го оствари ова свое право кое е наведено во нашиот Закон.  Главниот одговор од нашите управни органи е дека за таквата здравствена интервенција можела да бара лекување во РМ преку соодветно барање упатено до ФЗОМ. Се прашувам дали тоа треба да значи дека некој пациент кој заминал на гости во странство треба да дојде дома, да поднесе формално барање и да чека две до четири недели на одговор, при што може да му се влоши здравјето, да ги изгуби своите заболени органи или да почине. Поради тоа, ваквите постапки се со итна природа и по завршувањето на здравствената интервенција осигурениците треба да поднесат барање до ФЗОМ заради поврат на средствата кои ги потрошиле за спасување на сопствениот живот и здравјето“, посочува адвокатот Кацарски.

Кацарски посочува и на друг предмет кој се однесува на сега веќе починато малолетно девојче од Кавадарци, кое во 2009 година заболело од акутна форма на леукемија за која неуспешно се лекувало во земјава. Според лекарскиот наод, потребно било лекувањето да се продолжи во странство – Сојузна Република Германија. И покрај навременото доставување на документите од страна на таткото на девојчето, од болницата им стигнала фактура за доплата.

„Иако во жалост по загубата на својата ќерка, таткото успеал собраните документи навремено да ги достави до Фондот. Неколку месеци подоцна од болницата им стигнала фактура за доплата. Ваквиот долг е испратен најпрво до УО на ФЗОМ, а оттаму е пратен до осигуреникот – таткото на починатото девојче. Досега има бројни преписки со УО на ФЗОМ за кои сè уште се чека решение. Едно е сигурно – семејството на починатото девојче, според нас, има право да добие фер третман од страна на државата и сразмерниот дел од преостанатиот долг да биде намирен од страна на Фондот“, истакнува Кацарски.

Ваквите состојби со овие постапки, вели Кацарски, можат да се надминат само и исклучиво со доследно почитување на законските одредби кои ја регулираат правната материја. Адвокатот нагласува дека е потребно соодветните институции да постапат во насока на скратување на постапувањето при решавањето на овие постапки.

„Овде, пред сѐ, мислам на Законот за здравствено осигурување, на одлуките на Уставниот суд на РМ, како и на законите што ја регулираат управната и управносудската постапка. Правно не е дозволено да се развлекува остварувањето на правото загарантирано со закон две или повеќе години. Во некои случаи клиентите починуваат, па нивните наследници продолжуваат да ја водат постапката наместо нив. Во случаите каде што како баратели се јавуваат родилки кои бараат поврат на средства, ни се случува нивните деца да тргнат на училиште додека е постапката сè уште во тек. Потребно е соодветните институции да постапат во насока на скратување на постапувањето при решавањето на овие постапки. Истовремено, би сакал да укажам и на доследното почитување на мериторните судски одлуки и нивното правилно спроведување од страна на управните органи во рамки на оваа постапка. Случките кои сме ги имале кога по добиена мериторна судска одлука управниот орган одлучува по претходно добиената пресуда, би требало да прекинат“, образложува адвокатот Владимир Кацарски.

М.В