/ Прочитано:

850

Донесен Законот за абортус — невладините ќе се жалат кај Иванов и пред Уставен

Понеделник, 10 јуни 2013 – Со 62 гласа за и само еден против на  пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија, владејачкото мнозинство го изгласа новиот Закон за прекинување на бременоста. Законот е донесен по скратена постапка, а СДСМ не учествуваше на расправата. Пратеникот Оливер Спасовски претходно објасни дека не сака да ја легитимира постапката, од која, според него, штета ќе трпат граѓаните. 

Според министерот за здравство Никола Тодоров  со овој закон нема да се повредат правата на жената при носење на одлуката да абортира.

„Со усвоените амандмани за новите измени во законот нема да мора да присуствува сопругот на советувањето и ќе се намали бирократската  постапка“, рече Тодоров посочувајќи дека Задолжителното советување е дел од новиот концепт.

За Ивон Величковски од Либералната партија жените се третираат како расплодни објекти. 

„Лекарите се водат од светата обврска што ја преземаат, од Хипократовата заповед, а за разлика од нив, вие очигледно се водите од Хипокритовата заклетва. Ова што денеска го правите е хипокризија. Не сакате да кажете дека стариот закон нудеше и создаваше обврска за едукација на жената во сите средини, особено во руралните. А сега мора да интервенирате за да се воведат образовни и информативни содржини во тие средини. Враќате назад нешто што постоело“, рече тој. 

Според Драгиша Милетиќ од Српската напредна странка, пак,  новиот закон  едуцирал и затоа, како што рече претходно, ќе гласал со двете раце.

Додека пратениците гласаа, стотици граѓани од повеќе невладини организации пред Собранието протестираа со цел да не се донесе законот.

Невладините организации, најавија дека за законот ќе поднесат претставка до претседателот Ѓорге Иванов, како и иницијатива за оценка на уставноста.