/ Прочитано:

1.813

Довербата на клиентот се стекнува со квалитетни услуги, искреност и меѓусебна почит — Oја Дениз Каваме, адвокат во „Аксан“, водечка адвокатска фирма во Турција

Младата и перспективна адвокатка Оја Дениз Каваме, турската адвокатска сцена на која „силите“ ги мерат многубројни играчи и каде борбата за успех честопати знае да биде и агресивна, ја опишува како многу конкурентна. Да се биде меѓу најдобрите во еден таков амбиент, треба да се понуди широк спектар на квалитетни правни услуги, истакнува таа. Како предавач на првата регионална правна Конференција за управување со правни ризици, која во организација на АКАДЕМИК се одржа во Скопје, Каваме даде детален преглед на одредувањето и управувањето со правните ризици поврзани со концeсиските договори во Турција. Насмеана и расположена за разговор, таа со жар во очите раскажува за нејзините професионални успеси. Скопје ќе го памети како град на гостопримливи луѓе. „Ние, Турците, сме многу слични на вас: сакаме да се смееме, да споделуваме искуства, да споделуваме култура и традиции…“, вели Каваме во интервјуто за Академик.мк. 

Како би ја опишале адвокатската сцена во Турција?

Многу конкуренција, агресивен настап… Знаете,  на крајот таа конкуренција е секако добра за сите. Eфектите се позитивни и за клиентите, но и за турската економијата. Сите адвокати се борат за да стигнат до врвот каде се застапени големите имиња и брендови, но тоа е многу тешко. Конкретно за Адвокатското друштво „Аксан“ можам да кажам дека котира многу високо на тој пазар, но секако има и други успешни адвокатски фирми кои можат да се пофалат со своите искуства и експертизи.

Што е пресудно во еден таков амбиент да се биде успешна адвокатска фирма, конкурентна и дома и надвор?  

Адвокатското друштво „Аксан“ постои веќе 30 години, периoд за кој успеа да прерасне во една најетаблираните правни фирми  во Турција и денес брои околу 80 адвокати. За разлика од многу адвокатски друштва во Истанбул, ние обезбедуваме целосен спектар на правни и консултантски услуги. Имаме многу интернационални клиенти, соработуваме со адвокатски фирми од други градови, но и држави како: САД, Англија, Русија, Италија, Швајцарија,  Белгија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, и Кувајт. Има и други адвокатски фирми кои се  навистина успешни, но ретко кој има интернационални клиенти. Угледниот вебсајт „Legal 500“ ја препорачува нашата фирма како една од најуспешните во Турција, особено во областа на коропоративното право, потоа спојувања и преземања, решавање на спорови, интелектуалното право, приватизации… Градењето на доверба кај клиентите е од суштинско значење и таа бара висококвалитетни услуги, искреност и меѓусебна почит.

Листата на клиенти на адвокатското друшто „Аксан“ е импресивна. Дали можете да ни посочите некои од поголемите случаи на кои Вие сте работеле?

Корпоративното право, нелојална конкуренција, приватизација…, се моја специјалност, а се фокусирам и на странските инвеститори во во поглед на основање фирми и сл. Би го издвоила тоа дека бев дел и од советувањето на турската Влада во процесот на приватизација на 46 електрани што претставува една од најголемите приватизации во историјата на Турција. Потоа би ja издвоила работата со електронскиот гигант „Тошиба“, но и со една  од една од најголемите трговски компании во Турција, составена од 78 акционерски друштва и друштва со ограничена одговорност – „Çukurova Group“. Аксан е правен застапник и на најголемата телекомуникациска компанија во Турција, како и на бројни интернационални компании. 

Рекламирање на адвокатската дејност во Турција е забрането, што е случај и во Македонија. Кои активности се дозволени во тој правец, односно кои активности ги презема Вашата фирма со оглед на огромната конкуренција наспроти забраната за рекламирање? 

Ние подготвуваме брошури кои немаме право да им ги дадеме на медиумите, но им ги даваме на клиентите, како и на потенцијалните клиенти.  Нашето име на пример не можеме да го ставиме на пенкало, но можеме да ги избегнеме тие правила на начин што нашето име е често присутно на семинари, конференции и сл. Понекогаш Адвокатската комора на Турција знае да казнува и за ова, но тие парични глоби се ниски, па повеќе се исплати да те казнат. Голема конференција како што беше регионалната Конференција на АКАДЕМИК за управување со правни ризици е одлична прилика за промоција на сопствениот бренд: разменуваш искуства со присутните, може да се поделат брошури и сл. Понекогаш држиме и предавања за студенти, ги запознаеме со нашата дејност и нашите канцеларии, ангажираме некој од нив, па тие ги пренесуваат своите впечатоци: „таа е добра адвокатска фирма, имаат големи клиенти, успешни се, оваа адвокатска фирма се грижи и за идните генерации…“ Интернетот е исто така  многу  корисен и нормално имаме сопствен вебсајт. Има многу начини како луѓето да дознаат повеќе за тебе.

Какви се Вашите впечатоци од регионалната Конференцијата за управување со правни ризици во организација на АКАДЕМИК, но и од Скопје, градот – домаќин на овој настан?

Конференцијата беше едно одлично искуство за мене, но сигурна сум и за сите присутни. Многу беше ефективна, а за организацијата имам само пофални зборови. Разменивме искуства на тема која е многу актуелна во Европа и во светот. Патем, стекнав познанства кои ми се многу драгоцени. Што се однесува до Скопје, навистина ми се допаѓа, би сакала да имам повеќе слободно време и да посетам повеќе градови низ Македонија. Луѓето се многу гостопримливи, домаќините на конференцијата ми овозможија да се чувствувам како дома. Знаете ние, Турците, сме многу слични на вас: сакаме да се смееме, да споделуваме искуства, да споделуваме култура и традиции… Топлите места секогаш ме прават среќна. Впрочем, целиот Балканот има многу заеднички работи со Турција. Навистина ми е мило што бев дел од Конференцијата на АКАДЕМИК!


Разговараше: Елена Павловска

Објавено: 22.04.2014