/ Прочитано:

570

Државниот испит следната недела на владина седница

Вторник, 2 декември 2014 – На седница на Владата следниот вторник ќе се разгледува евентуалното воведување државен испит за студентите и негово утврдување во предлог-текст, за кој потоа Министерството за образование и наука ќе организира јавни расправи, соопшти денеска министерот Абдилаќим Адеми.

„Најверојатно на следната седница на Влада, следниот вторник, ќе се дискутира и за евентуалното воведување државен испит и за кончениот предлог-концепт од наша страна. На истата седница ќе се дискутира и за реформата на педагошките факултети и МОН ќе излезе со предлог текст на закони. Доколку Владата одлучи да има државен испит, ќе се утврди предлог, како и предлози за други закони кои се однесуваат на реформата на педагошките факултети, ќе биде отворена јавна расправа две до три недели, па повторно МОН ќе ја информира Владата со посебен извештај за дебатата и за предлозите кои евентуално би стигнале до Министерството, и Владата ќе одлучи кои од нив ќе прифати. Понатаму ќе се утврдат како текстови и ќе се проследат во Собранието“, рече Адеми на прес-конференција.

Во врска со противењето на студентите кон најавената новина, Адеми рече дека нивните предлози сака да ги слушне кога МОН ќе излезе со конкретен предлог.

„Уверен сум дека тогаш ќе имаме посодржинска дискусија и ќе имаме конкретни предлози – и од студентите и од професорите. Ќе треба да седнеме, ние да ги изложиме нашите аргументи и да ги слушнеме нивните. Студентите ги бранат нивните интереси, професорите – интересите на професорите, ние мораме да ги имаме во предвид интересите и целите – и на државата и на општеството. Ние не сме против студентите, затоа што се грижиме за студентите“, истакна Адеми.

Соопшти дека дел од измените на Законот за високото образование ќе биде и рекомпонирање на Одборот за акредитација и евалуација кој ќе има девет члена.

„Идејата е Одборот да биде поефикасно тело, со точно утврдени надлежности, рече министерот за образование и наука.

Од Студентскиот пленум остануваат на ставот против најавената реформа во високото образование и бараат повлекување на идејата за воведување на државeн испит. Синоќа на петиот студентски пленум, тие најавија дека следната недела ќе излезат повторно на протест но деновиве интензивно ќе договараат кога и како ќе го организираат истиот. Од Студентскиот пленум очекуваат подршка и од студентите од другите градови и од другите универзитети, но и од средношколската младина која според нив ќе биде најзасегната доколку се реализираат владините идеи.