/ Прочитано:

2.631

Државниот завод за ревизија да биде уставна категорија, предлагаат економистите од ЦЕА

Државниот завод за ревизија да биде уставна категорија и да се подобри правната рамка со која се уредува надлежноста и дејствувањето на оваа институција, препорачува Центарот за економски анализи (CEA).

akademik foto

Државниот завод за ревизија е врховна ревизорска институција во Македонија, која има за цел навремено и објективно да ги информира Собранието, Владата, другите носители на јавни функции и јавноста, за наодите од извршените ревизии. ДЗР обезбедува поддршка на Собранието при извршувањето на неговите надлежности преку идентификација и презентација на неправилности и незаконско работење на ревидираните субјекти што се откриени преку извршените ревизии.

Центарот за економски анализи, истражувајќи ја правната рамка со која се регулира функционирањето на Државниот завод за ревизија,  оценува дека ДЗР има недостатоци на правната рамка, недоволна независност и самостојност, финансиска независност, како и нецелосна законска рамка за регулирање на дејствувањето на државниот ревизор по основано сомнение за сторен прекршок или кривично дело.

Државниот завод за ревизија, нагласуваат од ЦЕА, не е дефиниран како уставна категорија. Потребни се измени на Уставот, со кои државната ревизија ќе биде определена како уставна категорија. Исто така, додаваат од ЦЕА, потребно е во Уставот да се дефинира ДЗР како независна и самостојна врховна ревизорска институција во Република Македонија.

„За таа цел, потребно е да се усвои амандман на Уставот најбрзо што може, со кој ќе се обезбеди целосна финансиска независност на државната ревизија и ќе се создаде независен буџет на Државниот завод за ревизија кој ќе биде одобрен од страна на Собранието на РМ по предлог на ДЗР и по мислење на парламентарната Комисија за финансирање и буџет пред да се одобри Буџетот на РМ“, истакнуваат од Центарот за економски анализи.

Постојната законска рамка, истакнуваат од Центарот за економски анализи, не вклучува надлежност на ДЗР законски да дејствува и да наметнува санкции врз правното лице што не успеало да ги следи препораките на овластениот државен ревизор, или не успеало да обезбеди повратна информација до ДЗР во врска со статусот на препораката.

„Постојната законска рамка не ја дефинира јасно обврската на надлежните органи да постапуваат по известувањето на овластениот државен ревизор за основано сомнение за сторен прекршок или кривично дело, и на редовна основа да го известуваат ДЗР за преземените мерки додека не се донесе конечна одлука од страна на Јавното обвинителство или овластените судски органи по претходно известување на ДЗР“,велат од Центарот за економски анализи.

Исто така, од ЦЕА предлагаат да се измени Законот за државната ревизија со цел да се регулира правниот статус на државните ревизори и да се одредат одговорностите на надлежните органи во однос на препораките на овластените државни ревизори.

Потребно е и подобрување на правата и надлежностите на Државниот завод за ревизија во Законот за државната ревизија, во случаи кога правното лице или овластениот орган не ги следат/не постапуваат по препораките на овластените државни ревизори, т.е. да се воведат извршни одредби за ДЗР.

„Во таа насока, треба да се усвојат соодветни измени на одредени системски закони и да се одреди правната рамка и обврската на Собранието на РМ да ги разгледува годишните извештаи на одредени корисници на јавни средства, заедно со извештајот од ревизијата, како и обврската да ги разгледува годишните сметки на Буџетот на РМ и наодите на ревизијата, во согласност со најдобрите практики во европските земји (во Холандија, државната ревизија има Ден на отчет, кога Собранието го разгледува и расправа за извештајот од извршената ревизија на Буџетот и буџетските корисници). Исто така, потребно е воспоставување на одбор за ревизија или поткомитет за ревизија во рамките на Комисијата за финансирање и буџет, со улога да ги разгледуваат поединечните извештаи на ДЗР“, истакнуваат од ЦЕА во својата „Oцена на законодавните и регулаторни одредби поврзани со работата на Државниот завод за ревизија (ДЗР)“.

Центарот за економски анализи (ЦЕА) е истражувачки центар составен од економисти. Негова главна мисија е постојано да ги истражува економските случувања и јавната политика во Република Македонија и да понуди препораки, предлози и мерки на владините и невладините институции, а со цел создавање економска средина за раст и развој на македонската економија.

M.В