/ Прочитано:

1.718

Државното правобранителство и процесната легитимација на агециите како регулаторни тела

Петок, 21 август 2015 – Дали во случаите на поднесување на жалба на одлуките на управен суд кога тие се орган (независно самостојно регулаторно тело) чиј акт бил предмет на управен спор во жалбената постапка во име на агенциите може да учествува само Државниот правобранител?, се вели во Барањето за автентично толкување за автентично толкување на член 42-а став 2 од Законот за управните спорови.

Во Барањето за автентично толкување се образложува дека во главата VI од Законот за управните спорови е уредено прашањето за правните средства, односно постапката по жалба против одлуките на Управниот суд, како и причините поради кои жалбата може да биде изјавена.  Како што стои во Барањето, во членот 42-а е регулирано правото на жалба, односно тоа дека:

„Против одлуките на Управниот суд странките можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на одлуката преку Управниот суд до Вишиот управен суд. Против одлука на Управниот суд, органот чиј акт бил предмет на управниот спор може да поднесе жалба преку Државниот правобранител на Република Македонија. Вишиот управен суд одлучува по жалба во совет од тројца судии“

Според подносителот на барањето, иако ставот 2 регулира дека против одлуките на Управниот суд, органот чиј акт бил предмет на управниот спор може да поднесе жалба преку Државниот правобранител на Република Македонија, ова во пракса предизвикувало дилеми кај агенциите кои се самостојни независни регулаторни тела и имаат својство на правно лице со јавни овластувања.

„Имено, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување која како самостојно независно регулаторно тело има својство на правно лице со јавни овластувања, основана со примарна цел заштита на интересите на членовите и пензионираните членови на задолжителни и доброволни пензиски фондови, како и поттикнување на развојот на капитално финансирано пензиско осигурување, во случаите регулирани во членот 42-а став 2 од Законот за управните спорови, поради непрециозност и нејасност за ситуација како што е нивната се судрува со проблеми во примена на истиот.

Во досегашната пракса во случаите кога Агенцијата, пред Виш управен суд води жалбена постапка која во согласност со членот 42-а став 2 треба да се поднесе преку Државниот правобранител на Република Македонија е оневозможена или истото право, кое Законот го дозволува, во нејзиниот случај е ускратено бидејќи Државниот правобранител ги штити имотните права и интереси на Република Македонија и на државните органи основани со закон пред судовите и другите органи во земјата и странство, а самите, како независно регулаторно тело, кога истата ќе ја поднесат, со пресуда заради недозволеност, во согласност со членот 347 од Законот за парничната постапка,  ќе биде отфрлена.

Оттука, во насока на тоа дали во случаите на поднесување на жалба на одлуките на Управен суд кога тие се орган (независно самостојно регулаторно тело) чиј акт бил предмет на управен спор во жалбената постапка во нивно име може да учествува само Државниот правобранител?“, се вели во Барањето.

Мислење на Владата

Според мислењето на Владата на РМ, Агенцијата има активна процесна легитимација и е овластена да учествува, непосредно или посредно, во која било постапка што е започната против пензиските друштва и против друго лице или против лица правно поврзани со пензиските друштва, кога е тоа потребно заради заштитата на интересите на задолжителните и / или доброволните пензиски фондови.

„Владата смета дека Државното правобранителство, во согласност со својата надлежност, нема основ како застапник на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, која како самостојно независно регулаторно тело има својство на правно лице“, велат од Владата на Република Македонија.

М.В