/ Прочитано:

1.013

Двајца шумари барале поткуп од 100 евра за да не пријават жител на селото Пагаруша

Вторник, 14 март 2014 – Двајца службеници на жител од селото Пагаруша му барале поткуп бидејќи во неговиот двор нашле дрва кои биле диво исечени.

Единицата за економски и компјутерски криминал(ЕЕКК) до Основното јавно обвинителство со кривична пријава ќе ги предаде Н.Д.(50) и И.К.(51), двајцата од Скопје, заради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело примање поткуп.

Имено, на 15 март откако двајца браќа влегле со натоварени нежигосани дрва на коњи во нивниот двор во село Пагаруша, биле забележани од страна на пријавените Н.Д. и И.К – вработени во Македонски шуми-подружница Шумско стопанство “Караџица“ како шумари-службени лица на Македонски шуми за да не им напишат пријава и да им ги земат дрвата, побарале од браќата да им дадат 100 евра, односно на двајцата да им се даде по 50 Евра, но оштетените им кажале дека моментално немаат и дека за нив тоа се многу пари.

По ова првопријавениот во повеќе наврати телефонски му се заканувал на едниот брат дека ако не им ги даде парите, од нивна страна ќе му биде пишана соодветна пријава. Откако пријавените и понатаму му барале поткуп на оштетениот, истиот случајот го пријавил во ЕЕКК, при што се превземени мерки и со потврда од пријавителот се одземени две банкноти од по 50 евра, истите технички се обработени и со потврда му се вратени, а на 16 март од Основен суд Скопје I се обезбедени и наредби за претрес над пријавените лица.

На 16 март откако првопријавениот телефонски побарал од оштетениот да се сретнат во населба Драчево за да му ги даде парите, се договориле истиот ден двајцата пријавени да се најдат со него и откако им биле дадени бараните пари, од страна на ЕЕКК Н.Д. и  И.К.  биле уапсени.

Над пријавените е извршен личен претрес во присуство на адвокат, при што кај Н.Д. се пронајдени двете банкноти од по 50 евра и истите со потврда се одземени. Од страна на Судија во претходна постапка на И.К. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на Н.Д. му е одредена мерка домашен притвор во траење од 30 дена.

Двајцата пријавени се веќе познати на Службата и тоа во периодот 2008/2011 година против И.К. се поднесени две кривични пријави за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување од кои за една во 2009 година му е изречена условна осуда затвор, додека против Н.Д. во 2009 година е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.